Македонец три дена возел смок – се завлекол кај кумплугот

Смок долг околу половина метар бил пронајден во автомобил во кумановска автолакерска работилница. Колата била донесена на поправка од велешко село, а змијата ја пронашол работникот кога го отворил багажникот.

„Се работеше за млад планински смок, не беше голем, педесетина сантиметри. Го пронашол чиракот и се исплашил. Го извадив без проблем. Се јавивме на газдата на колата, се изненади кога му кажавме дека ни донел змија, не знаеше како влегла“, вели за СДК.мк Владимир Димковски, сопственик на кумановската фирма „Плант медика“, која единствена во земјата дава професионално услуга за заловување влекачи.

Тој и неговите колеги од почетокот на пролетта имале две интервенции, една во автомобилот и друга во влез на зграда во Куманово, но вели дека во просек интервенираат во десетина случаи во сезона. Оваа година има наплив на змии повеќе од вообичаено поради топлото време и бујната вегетација, на што предупреди и Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Димковски вели дека низ годините вадел змии од речиси сите делови на земјата и на различни места: во дворови, куќи, подруми, гаражи, шахти, машини за перење, автомобили.

„Во еден случај моравме да урнеме ѕид од гипс картон во куќа во скопското село Стајковци затоа што змијата влегла во дневна соба, а потоа се завлекла во шуплината. Во друг случај, смок од 2,5 метри, кој најверојатно паднал од дрво на кровот на колата, влегол внатре кога сопственикот отворил врата. Се завлекол кај куплунгот и кочницата и никако не можевме да го извадиме. По неколкучасовни обиди, јас си заминав. Газдата кажуваше дека три дена ја возел змијата во колата бидејќи не можел да ја извади. На крајот побарал помош од човек во Неготинско кој ги вади змиите со свирење и успеале да ја извадат. Најдовме змија и во машина за перење во кумановска црква. Во едно скопско село на крајот на јануари извадивме четири змии од шахта кај водомерот, тука се сокриле да презимат“, вели Димковски.

Тој тврди дека најтешко се наоѓаат влекачите кои ќе се сокријат во моторите на возилата. Тие интервенции бараат многу време и неизвесно е дали воопшто ќе ги најдат.

Фотографијата е илустрација, не е поврзана со настанот