Македонија засега не размислува за забрана на ТикТок

Македонија засега не размислува за забрана на апликациите како ТикТок, поради опасните предизвици и негативното влијание врз однесувањето на младите. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, вели дека е против заземање страна во поглед на забранување апликации како „Тикток“, но, таквата можност „им стои на располагање“ на надлежните институции.

Тој на прес-конференција во Скопје информираше дека е изработено упатство што било споделено со Педагошката служба од Министерството за образование и наука. Ова упатство ќе биде насочено кон сите наставници во сите училишта, основни и средни, да поразговараат со децата, со учениците за предизвикот што се случува со социјалните медиуми.

„Ова се алатки со неограничени можности, но за жал, никој од нас никогаш не бил обучен како правилно да ги користи. Упатството ќе биде објавено, како и код што води до корисни веб-страници или алатки, што родителите можат да ги користат за да им го ограничат пристапот на децата“, вели министерот.

На тој начин родителите ќе можат да ограничат пристапот дома до конкретни веб-страници или апликации, да не можат да се симнуваат или да се употребуваат. „Сметавме дека ова треба да биде првиот чекор“, вели Андоновски.

Вториот чекор е Центар за побезбеден интернет што дополнително ќе дава ресурси и помош на овие деца. Тој треба да се формира до крајот на годината.

Забраната како трета можност
„Третата можност што ни стои на располагање – целосно забранување на овие апликации. Кажав дека сум против нарушување на нет неутралноста и заземање страна во поглед на забранување аплкации. Затоа што ако забраните една апликација, голема веројатност е децата да се префрлат на некоја втора, а државата не смее да биде таа што постојано ќе забранува апликации и со тоа ќе ги наруши демократските принципи на општеството“, вели Андоновски.

Но, ако се забележи дека мерките што се преземаат не се доволни, „можеме да го задржиме правото со одредени измени во Законот за електронски комуникации да преземеме и вакви мерки“, објаснува министерот.

Апликацијата ТикТок, која е популарна во САД и има 170 милиони корисници, деновиве беше исклучена, исчезна и од продавниците за апликации на Епл и Гугл, бидејќи стапи на сила законот кој го таргетира ТикТок поради безбедносни причини.

Во некои земји веќе го ограничуваат пристапот до одредени социјални мрежи за деца под 16 години. Премиерот на Албанија, Еди Рама, во ноември минатата година најави дека е можно земјата да донесе „радикална одлука“ за целосна забрана на ТикТок и Снепчет, по убиството на 14-годишен ученик од основно училиште од друг ученик, откако расправијата на учениците започнала на социјалните мрежи. Полемики околу тоа дали треба да се забрани ТикТок се водат и во Хрватска.

Експертите предупредуваатдека забраната на социјалните мрежи може да вроди со контраефект кај младите. Тие укажуваат дека место да го реши проблемот со негативното влијание врз психата на младата популација, може да предизвика сосема спротивен ефект – забранетите содржини да ги направи уште попримамливи за младите. Затоа е потребна едукација, превенција и заедничка работа.

 

 

 

DW