Макрон оцени дека безбедноста и интересите на Франција и Европа се загрозени од војната во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека безбедноста и интересите на Франција и Европа се загрозени од војната во Украина и дека ситуацијата е загрижувачка.

Неколку часа по долгата средба со лидерите на партиите и парламентарните групи во францускиот парламент, Макрон синоќа помина повеќе од еден час на социјалните мрежи одговарајќи на прашања за војната во Украина и руската закана за Европа, како и за европската безбедност.

Макрон оцени дека Украина „не може воено да ги врати териториите окупирани од Кремљ“ и повика на траен мир кој на Украина ќе и обезбеди стабилност и безбедносни гаранции, како и мир во кој ќе учествуваат Украинците, јави денеска телевизијата БФМ.

Францускиот претседател потсети дека војната трае веќе три години, оценувајќи дека тоа е „пораз за Русија“ и дека „Украина пружила неверојатен отпор“. Тој предупреди дека Русија го зголемила своето вооружување и ја интензивирала соработката со Иран и дека со поканување на севернокорејски војници во редовите на својата армија, ја „глобализирала војната во Украина“.

Макрон ги повика Европејците да ги засилат воените напори и да инвестираат уште повеќе, преку француски и европски фондови.

„Ќе мораме да ги преиспитаме нашите буџетски одлуки“, посочи тој.

Тој исто така истакна дека ќе биде неопходно да се зајакне сајбер безбедноста на социјалните мрежи.

Макрон нагласи дека Франција нема намера да испрати борци во Украина, туку да испрати сили кои ќе гарантираат мир веднаш штом ќе се постигне и потпише.

„Целта на Елисејската палата е да ја гарантира безбедноста на Украина“, нагласи тој, додавајќи дека за тоа е разговарано со Британците и со други земји, иако, истакна, е рано да се откриваат детали.

 

 

fokus.mk