Министерството за внатрешни работи демантира дека полициски службеник вперил пиштол во бремена жена во угостителски објект, но сепак потврди дека имало инцидент во кој биле вклучени полицајци.
„Вистината е дека имало инцидент во угостителскиот објект во кој учествувале полициски службеници кои не биле на работа, но не бил вперен пиштол во бремена жена. Учесниците се веднаш приведени, а во расчистувањето на случајот е вклучен и Одделот за внатрешна контрола, криминиалистички истраги и професионални стандарди.
Во продолжение целиот настан, кој е даден и во редовниот дневен извадок од дневни настани: Денеска (23.12.2023) во 01.35 часот од полициски службеници од СВР Скопје биле приведени И.М.(29) од Скопје, Т.С.(32) од с.Штрбово-ресенско и С.К.(28) од с.Орешани-скопско поради тоа што во угостителски објект во населбата Илинден, како што е пријавено, по претходна расправија помеѓу И.М. кој бил заедно со Т.С. од една страна и К.К.(29) од Скопје кој бил заедно со С.К. од друга страна, К.К. со остар предмет замавнал кон И.М. по што И.М. извадил пиштол, а потоа С.К. физички го нападнал И.М. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, стои во демантот на МВР.