Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев рече дека на Москва не ѝ требаат дипломатски врски со Западот, по бранот санкции кон Русија објавени од западните земји.
Медведев, кој Владимир Путин го разреши од премиерската функција во 2020 година, а сега ја извршува функцијата заменик-претседател на Советот за безбедност на Москва, на руската социјална мрежа ВК напиша дека е време да се „стави катанец на амбасадите“.
Тој рече дека Москва ќе продолжи со инвазијата на Украина додека не ги постигне целите дефинирани од претседателот Владимир Путин. Не е јасно кои се точните цели на Путин, вели Би-би-си.
Медведев, исто така, го осуди исклучувањето на Русија од Советот на Европа, но се пофали дека тоа на Москва ѝ нуди можност да ја врати смртната казна во рускиот закон.