Мицевски: На власта и се брза да го наполни Уставниот суд со партиски кадри, одат по патот партизација и на поларизација

На власта и се брза да го наполни Уставниот суд со партиски кадри. Ова можеше да биде тест на демократските капацитети на власта, но очигледно решаваат да се движат по патот на поларизација, партиски комбинаторики  и ова што се прави е апсурд, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на денешната собраниска седница по предлогот на власта за разрешување на пратеникот Фадил Зендели од Беса од Комисијата за прашања за избори и именувања.

Мицевски на потписниците од власта на овој предлог им честиташе „Среќа нова 49-та“  потенцирајќи дека ова што се прави е преседан и власта со сила ја поларизира работата на Собранието.

– Потписниците се повикуваат врз основа на член 114 и 118 од Деловникот, но член 114 вели дека Собранието врши избори, именувања  и разрешувања на носители на јавни и други функции на начин утврден согласно Уставот и закон. Кој носител на јавна функција се разрешува од веќе формирана комисија? Се разрешува пратеник кој е назначен и кој се назначува на првата пленарна основачка седница на Собранието. Членот 118 вели формирање на работни тела.  Од ова што се гледа тука изгледа како да сакаат да го разрешат Фадил Зендели од пратеник, истакна Мицевски.

Тој нагласи дека Комисијата е функционална и комплетна, но власта брза со разрешување на Зендели за да може што побрзо да назначи партиски уставни судии.