Мицкоски за Политика.рс: Никој нема добиено мандат на избори да го менува Уставот

Со своето постоење „Политика“ ги помина сите тестови на времето и предизвиците што ги носи. Можам да ви честитам на вашата упорност и професионалност. „Политика“ денес е еден од најрелевантните извори на информации за состојбите во Србија, но и во регионот. Од таа гледна точка, вашиот медиум секако придонесува за поблиска соработка меѓу двете земји, но секако има простор за уште поголема и поинтензивна соработка на полето на пренесување информации за актуелните настани. Најпрво треба да се размислува „Политика“ повторно да биде достапна за македонските читатели, не само преку веб сервис, како што е сега. Ваквото вмрежување не може да биде штетно, а достапноста до повеќе информации секако ќе биде од корист, вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за нашиот весник во пресрет на Денот на „Политика“.

„Кога станува збор за соработката меѓу нашите две земји, исто така има простор за подобрување, особено во областа на инфраструктурата, енергетиката и економијата воопшто. Посебен фокус треба да се стави на проекти кои ќе придонесат за подобар живот на нашите граѓани и нивна поперспективна иднина. Изградбата на подобра железничка и патна врска меѓу овие две земји и гасоводна врска што ќе гарантира енергетско поврзување е услов за поголема благосостојба на граѓаните на Србија и Македонија. Нашите земји традиционално имаат добри економски односи, Србија е еден од нашите најважни економски партнери. Доста ги кршевме копјата за историјата и политиката, време е да се натпреваруваме кој ќе направи подобар економски и инфраструктурен проект кој ќе не зближи со соседите“, вели Мицкоски.

Сведоци сме на големи промени во светскиот поредок, кои, за жал, беа иницирани од војната. На кој начин мирот може да исплива од вителот на овие настани на светската политичка сцена? Дали е ова шанса за малите држави, како Македонија и Србија, кои заедно со Албанија припаѓаат на иницијативата „Отворен Балкан“?

Македонија, како ниту Србија, ниту Албанија, не е одлучувачка сила во овие процеси. Тие мора да бидат многу внимателни и да ги застапуваат нивните интереси кои се стратешки релевантни за овој регион. На тој фронт ништо не зависи од нас, но секако е важно да се поддржат стратешките процеси кои би обезбедиле мир. Овие тешки времиња за Европа и светот бараат многу мудрост, ладни глави и внимателни изјави. Ние од овие простори знаеме што значи уништувањето предизвикано од војните и какви последици остануваат после нив. Господ да не чува од такви времиња!

Ние сме мали земји од кои не зависат многу глобални процеси, но одлуките што ги носат политичарите на овие процеси многу влијаат на животот на нашите граѓани. За доброто на животите на нашите граѓани и нашата иднина треба да работиме на градење мир овде и на тој начин да придонесеме за мирот во Европа. Еден таков процес ќе ни помогне да излеземе од овој вител, како што кажавте, заедно, без поголеми последици. Единствената шанса што им се нуди на Македонија, Србија и Албанија во оваа криза е да покажеме дека ги научивме лекциите од минатото и да градиме подобра заедничка иднина.

Оваа година, Македонија претседава со ОБСЕ и Јадранската повелба. Таа е членка на НАТО и води политика усогласена со политиката на ЕУ. На кој начин ќе се залагате за мир во светот и каква стратегија ќе препорачате како парламентарна опозиција, со оглед на тоа што Русија е таа која спроведува специјална воена операција на територијата на Украина, а е членка на ОБСЕ и ОН?

Македонија ја одреди стратешката насока. ОБСЕ е колективна организација и, како таква, не остава простор за солирање на ниту една земја. Приоритет во наредниот период е сите заедно да работиме за мир во Европа и светот. Мирот нема цена. Очекувам дека Македонија и сите земји-членки на ОБСЕ ќе работат да запре војната во Украина. Недозволиво и незамисливо е да се води војна во 21 век, да се крши суверенитетот на една земја и да се оспорува нејзиниот интегритет. Тоа е почетната точка. Ние веруваме во овие принципи и сметаме дека енергијата треба да се насочи кон градење канали за комуникација и соработка за да се постигне мир, без да се газат овие постулати. Подобро е да се преговара со години отколку да се води војна макар и еден ден. Решенијата се секогаш во разговори, а не во судири.

Како го гледате натамошниот развој на европската интеграција на Западен Балкан и Македонија?

Копенхашки критериуми – тоа е мојот одговор. Европската интеграција на која било земја не треба да биде условена со субјективни политички критериуми, туку исклучиво да зависи од општи и објективни критериуми кои важеле за сите. Непринципиелноста раѓа неправда, а неправдата раѓа фрустрација и апатија кај граѓаните. Земјите од Западен Балкан имаат сериозен предизвик пред себе да ги достигнат Копенхашките критериуми, иако сум убеден дека тие се многу поподготвени во оваа фаза отколку другите земји кога се приклучија на ЕУ во минатото. Имаме сериозен предизвик: да се справиме со борбата против организираниот криминал, владеењето на правото, економските и социјалните прашања кои ќе не доближат до европските вредности. Тоа беше нашата домашна задача на која требаше да ги насочиме нашите капацитети и енергија.

Продолжувањето на европската интеграција на Македонија зависи од исполнувањето на бугарскиот услов, т.е. на француско-германскиот предлог за решавање на спорот меѓу РСМ и Бугарија, што подразбира натамошна промена на Уставот на РСМ. Зошто не се согласувате со промена на Уставот и барате вонредни парламентарни избори?

Ќе повторам, нашата енергија треба да ја насочиме кон исполнување на европските стандарди. Ова е наш приоритет – затоа што ќе го подобри животот на луѓето и ќе не приближи до Европа. Верувам во теоријата на мандатот, што значи дека една партија оди на избори со програма и ветувања кон своите гласачи, за што ќе работи во наредниот период. Во Македонија на последните избори никој не доби мандат за промена на Уставот – ниту една партија не го претстави ова во својата програма. Затоа сметам дека предвремените избори се единствениот начин граѓаните да кажат што мислат и како мислат дека Македонија треба да се движи во наредниот период. Би додал дека според последното истражување на јавното мислење, околу 60 отсто од луѓето не се задоволни од работата на владата и нејзините политики. Не се задоволни од економијата, владеењето на правото и исполнувањето на европските критериуми. Ова е дотолку повеќе што треба да имаме избори за одлучување за нова влада, која ќе добие мандат од граѓаните да решава проблеми и предизвици. Во спротивно, Македонија губи време. Доколку не се одржат изборите, ние како држава нема да видиме ништо поразлично од она што го гледаме последните пет-шест години додека оваа влада на СДСМ ја води државата. Затоа треба да имаме избори, нов мандат, нова влада и јасна насока на државата кон посигурна иднина.

извор: ВМРО ДПМНЕ