Во буџетот не се предвидени дополнителни средства коишто Владата би ги исплаќала за субвенционирање на придонесите доколку се постигне договор за зголемување на минималната плата од 24.400 на 30 илјади денари во Северна Македонија. „Доколку работниците и работодавачите се договорат за 30 илјади денари минимална плата, со целосно подмирени трошоци од работодавачите, ние тоа ќе го прифатиме и немаме против“, порача премиерот Христијан Мицкоски при посетата на скопската населба Илинден.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), во пресрет на одлуката за раст на минималната плата, до Владата, работодавачите и координаторите на пратеничките групи во Собранието, излегоа со предлог за утврдување на минималната плата согласно законот, но и донесување на одлука со која минималната плата ќе се зголеми за дополнителни 6.000 денари. Тоа ќе повлече зголемување и на другите плати. ССМ предложи работодавачите да бидат помогнати или субвенционирани за плаќање на придонесите за овие 6.000 денари во период до 12 месеци.
Мицкоски смета дека на тој начин ќе се исцрпи буџетот, со што ќе нема средства за улици, градинки, училишта, канализации…
Има ли надеж за 500 евра минимална плата?
Според премиерот, дали минималната плата ќе скокне на 500 евра зависи од договорот којшто треба да го постигнат синдикатите со работодавачите на Економско-социјалниот совет. Но, Владата и премиерот го оспоруваат легитимитетот на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов и најавуваат дека треба да се формира Комисија за утврдување на репрезентативноста, која што би утврдила кој од синдикатите ги исполнува условите за преговори согласно правилникот. Премиерот најави дека на следната владина седница ќе бидат предложени три члена од министерствата за економија и труд, социјална политика и правда.
„Доколку се избере и доколку тој заедно со работодавачите се сложат за 30 илјади денари, каде работодавачите целосно ќе ги исплатат придонесите, ние ќе го прифатиме“, вели премиерот.
Партиски етикети
Мицкоски оцени дека синдикатот се претвора во „партиска бина“, гласноговорник на коалиција СДСМ, Левица и ДУИ“, откако тие деновиве предложија зголемување на платите на вработените во износ од 3.000 до 15.000 денари, односно просечно 7.500 денари.
„Жалам што во минатото изостана овој предлог. Им текна по седум години и мислат дека сега ќе го исцрпат буџетот, дека ќе дадеме 100-200 милиони за да нема за улици, градинки, училишта, канализации. Ние сме Влада која го поддржа стопанството со 250 милиони евра, за да обезбеди работни места за работниците“, дециден е премиерот.
Претходно и владејачката ВМРО – ДПМНЕ излезе со став дека Слободан Трендафилов на „незаконски и крајно насилен начин е поставен за претседател на ССМ“. Според нив, тој не можел да биде избран на чело на ССМ, затоа што тој претходно не бил претседател на грански синдикат како што налага статусот и законите, туку бил секретар.
„За едните бев портпарол на ВМРО, за другите сум портпарол на СДСМ, и нивната перцепција секогаш зависи од позицијата во која се наоѓаат, односно дали се на власт или се во опозиција. ССМ работи за работниците, а ВМРО и СДСМ можат слободно да се обвинуваат меѓусебно, имајќи во предвид дека и едните и другите кога беа на власт беа и се против работниците.Борбата за зголемување на работничките плати е чиста работничка борба“, им порача Трендафилов преку социјалните мрежи.
DW