Мицкоски: Нема промена на Уставот, да се формира техничка влада и да се распишат предвремени избори

ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи промена на Уставот и бара час поскоро да се формира техничка Влада и да се одржат предвремени парламентрани избори, порача лидерот на партијата Христијан Мицкоски во обраќањето на 31. годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ насловена „Енергија, надеж, иднина“.

Мицкоски ги обвини партиите од власта СДСМ и ДУИ и нивните лидери Димитар Ковачевски и Али Ахмети дека ја злоупотребуваат европската иднина за да си „обезбедат дополнителни привилегии, да останат што е можно повеќе на функциите и да ја пљачкаат Македонија, сакаат да зборуваат за промените во Уставот и вклучување на мал минимален дел на наши сограѓани коишто за себе велат дека се дел од бугарскиот народ во Преамбулата“.

Јасно и гласно сме кажале, јасно и гласно сме повториле – нема хотел пратеници како што тоа го кажа пред некој ден Пендаровски, коишто биле убедувани во еден хотел недалеку од овде. Сега имаме пратеници коишто цврсто стојат на својот став, и тие нема да дозволат промена на Уставот. И да ја затвориме таа тема. И ајде од утре да зборуваме за темата за која јас сакам да зборувам, а тоа е час поскоро формирање техничка Влада и најдоцна до пролет да одиме на предвремени парламентарни избори. Не треба да се плашите, ако народот ви верува во ова што го работите, ако народот ви верува, тогаш нема зошто да се плашите. Охрабрете се, излезете на предвремени парламентарни избори, па народот нека каже кој треба да ја води Македонија и чија политика ќе ја победи другата политика, истакна Мицкоски.

Тој рече дека живееме во огромна криза, земјава е рекордер по инфлација и по индексот на мизерија, луѓето не можат да ги платат сметките, цените по продавниците растат, а големи проблеми имаат и бизнисмените.

Осврнувајќи се на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека следната година ќе биде подобра, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека таа реченица ја слуша веќе пет години, а секоја година е само полоша од претходната.

Македонија, наведе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, е уморна од состаноци на политичари во вратоврски на коишто не се носат одлуки туку само се парадира, додека зад завесите се продолжува со истите погубни политики кои земјава ја тонат уште подлабоко и со уште поголема брзина.

Единствената лидерска средба на Македонија која ѝ е потребна и за која со задоволство ќе придонесам е лидерска средба на која би седнале сите општествени чинители и би разговарале за платформа за Македонија и нејзиното стратешко позиционирање во однос на отворени прашања. Ни треба средба на која ќе седнат сите општествени авторитети, академици, професори, претставници на универзитети, новинари, писатели, младински лидери, на која ќе се разговара за платформа, за позиции и прашања за стратешкото позиционирање на Македонија наспроти сите предизвици, во однос на европската иднина, во однос на бугарското прашање, во однос на националниот консензус за значајните прашања што го немаме, за економскиот стандард и живот. Една платформа што ќе ги обедини сите, а целта ќе биде една и заедничка Македонија, во која има промени, пристоен живот и иднина, рече Мицкоски.

Тој на годишната конференција на УМС упати и порака до младите да бидат храбри и да не се откажуваат.

Кога ќе сакаат да наведнете глава, вие кренете ја гордо високо. Кога ќе сакаат да молчите, вие зборувајте гласно, кога тие ќе притискаат – вие бидете храбри. Кога тие ќе сакаат да се откажете, вие бидете уште порешителни. Затоа што има борби во животот што вредат нешто, но има и борба што е повредна од сè друго. Се работи за Македонија, за нашата иднина, за заедничката надеж, рече Мицкоски во обраќањето на годишната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

фото: ВМРО ДПМНЕ