Револтот на граѓаните е опрадан, ќе се спроведе ригорозна казнена политика на санкционирање на дивеењето со автомобили, изјави на 31 јануари премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање поврзано со протестот на граѓаните поради сообраќајката во која на скопскиот булевар „Партизански одреди“ беше прегазена 22-годишната Фросина Кулакова.
Во 13 часот граѓаните излегоа на протести, по што продолжија кон Собрание.
Според Мицкоски наскоро системот „Безбеден град “ ќе биде ставен во функција и ќе може да се справи со автомобилското дивеење по скопските улици.
„МВР тоа како постапка го спроведува, и наскоро ќе имаме еден таков систем којшто ваков тип на дивеење ќе санкционира. И тоа мора да се случи. Колку и да треба политички куршуми да добиеме ние, тоа мораме да го инсталираме имплементираме и да преземеме казнена политика која што ќе биде ригорозна, затоа што и еден живот да спасиме сме ја постигнале целта“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека понеодговорно е „однесувањето на одделни политичари со некрофилска политика кои се обидуваат на ваков начин преку пораки коишто згрозуваат да привлечат политичко внимание и да добијат политички поен“.
„Но, час поскоро треба системот Безбеден град да биде инсталиран, да функционира и сите законски измени коишто се неопходни да бидат донесени. Јас мислам дека оваа година сето тоа ќе биде ставено во функција. Жалам што годините наназад сето ова не било направено,“ изјави тој.
Мицкоски додаде дека во буџетот за годинава веќе се обезбедени пари за стартување на системот и надвор од главниот град, одноно и на клучните автопати и експресни патишта.
slobodnaevropa.mk