Мицкоски со честитка по повод големиот празник Богојавление – Водици: Бог се јави!

Во името на Владата и во мое лично име, на сите православни христијани им го честитам големиот празник Богојавление – Водици, денот кога го славиме Крштевањето на Господ Исус Христос во реката Јордан.

Како што се отворија небесата над Јордан, потврдувајќи ја светоста на овој чин, така и денес нека ни се отворат патиштата кон мир, разбирање и благослов.Овој свет ден нè потсетува на вредноста на верата, духовното единство и љубовта кон ближните. Затоа, да го негуваме духот на заедништвото, почитта и поддршката еден кон друг, ставајќи ги мирот и добрината во прв план.

Нашето општество мора да се темели на меѓусебната почит и стремежот кон соживот. Нека оваа празнична свеченост нè потсети на нашата обврска да го чуваме и унапредуваме заедничкото живеење, прифаќајќи ја различноста како вредност која нè збогатува сите нас.

Воедно треба да бидеме свесни дека промените за кои работиме и за кои сакаме да се случат зависат од сите нас. Иднината мора да биде заедничка и секој ден мора да покажеме нескршлива волја во реформите и чекорите кои ќе обезбедат сигурност, стабилност и просперитет.

Посакувам срдечна прослава, семејна топлина и радост во овој убав празничен ден, а благодатта на денешното осветување да биде наша водилка низ животот.

Бог се јави!, се навењдува во честитката на премиерот Христијан Мицкоски.