Тимот американски истражители треба да почне најпрво од Владата, има многу корупција која може да се открие преку институциите како МВР, УЈП или Катастар без длабинска анализа- смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Со актуелната владејачка структура, според него криминалот и корупцијата ќе се продлабочуваат, а единствено решение гледа во предвремени избори по кои тврди дека нема да има недопирливи функционери, а секој кој стекнал имот на нелегален начин ќе одговара.
По дилемите во јавноста дали овој американски тим ќе има и дипломатски притисок врз опозицијата за уставните измени, Мицкоски само потенцира дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе остане обединета и нема да го смени ставот против бугарското барање.
За следната недела е најавена посета на високи американски дипломати во земјава. В среда во Скопје доаѓа Дерек Шоле, советникот на државниот секретар на САД на средба со владини претставници, а една од темите ќе биде токму борбата против корупцијата. Во делегацијата со него се очекува да пристигне и специјалниот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
извор: ВМРО ДПМНЕ