Eден од предводниците на групата незадоволни членови на ДУИ, претседател на надзорниот одбор на партијата Муса Џафери, синоќа од собирот во Кичево ги повика членовите на партијата да го спасат лидерот на ДУИ Али Ахмети од Артан Груби. Тој го обвини Груби за узурпирање на партијата и за ширење пропаганда против незадоволните партиски членови и функционери, објави Република.
Џафери рече дека толку многу се вложиле во ДУИ што не ни помислуваат да ѝ наштетат на партијата и дека никогаш не ја нападнале фигурата на нејзиниот претседател Ахмети.
Артан Груби само се крие и се брани зад ликот на Али Ахмети. Тој заедно со другите министри треба да се појави пред граѓаните и да даде отчет и да покаже колку инвестиции направил во Кичево. Која е причината што не се инвестира во Чаир? Каде одат парите од буџетот, праша Џафери.
Тој порача дека каде и да свртат ќе се судрат со незадоволните. Најциничниот заговор, што според Џафери, го шири Груби е дека тој, Изет Меџити и другите решиле да одржат митинг во Кичево за да му наштетат на Ахмети. Според Џафери, тоа не е точно.
Нема потреба Артан Грбуи да го штити Али Ахмет од Муса Џафери. Апелирам до него да не прави маркетиншки спинови. За ова апелирав и претходно. Да го спасиме Али Ахмети од оваа извршна власт, од Артан Груби. Се плашам дека тие што тврдат дека многу го сакаат, му го одземаат здивот. Зошто сега не го штитат Али Ахмети од Алијанса“, праша Џафери.
Тој го повика Ахмети да размисли, да се сретнат и да понуди решенија за проблемите во партијата.
Потпретседателот на ДУИ и пратеник Изет Меџити побара расправата да се врати во органите на партијата.
Секогаш имаше дебата внатре во партијата, но на крајот знаевме да донесеме правилни одлуки за доброто на партијата. Немаме ништо лично против никого, никогаш не сме имале лоши намери. Да се подобриме пред народот да не подобри нас, рече Меџити.
извор: Република.