На денешен ден, 5 дена по смртта на помладиот Константин, починал неговиот брат Димитар Миладинов

Далеку од родната Струга, само пет дена по смртта на помладиот брат Константин, во Цариград починал и македонскиот преродбеник Димитар Миладинов.

Тој починал на денешен ден во 1862 година во Цариград каде што бил затворен. Димитрија Миладинов е македонски народен преродбеник, поет, учител, публицист и научник.

Бил собирач на народни умотворби и основач на македонската етнографија. Неговата поезија е со изразит лирски темперамент, а неговото творештво се состои од неколку лирски целини. Заедно со својот помлад брат Константин водел организирана борба против хеленизацијата.

Димитар Миладинов е роден во Струга, во 1810 година.

Деновиве пишувавме за смртта на помладиот брат Константин, кој починал на 18 јануари 1862 година во Цариград, во полициската болница. Константин Миладинов е македонски поет и собирач на македонски народни песни и умотворби.

Димитар и Константин се родени во семејството на грнчарот Ристе Миладинов и сопругата Султана Миладинова, од осумте деца, шест синови (Димитар, Тане, Наум, Мате, Апостол и Константин) и две ќерки Ана и Крста.
Браќата основно училиште завршиле во Струга, а подоцна и гимназија во Јанина, денешна Грција.

Средниот брат Наум Миладинов ја завршил Духовната академија на патријаршискиот универзитет Халки во Цариград и дипломирал на отсекот музика и граматика. Наум во 1843 година напишал учебник по музика, прв од таков вид во Македониjа, додека при собирањето на народните песни истите ги запишувал со нотни записи, ги мелографирал, па така тој е нашиот прв музичар и мелограф.

Најмалиот брат, Константин, дипломирал во 1852 година на Филозофскиот факултет во Атина, отсек грчка филологија.

Со диплома на учители браќата се вратиле во родниот крај каде учителствувале во повеќе места. Во училиштето во Охрид, Димитар Миладинов се сретнал со познатиот руски научник, славистот Виктор Иванович Григорович. Оваа средба била пресудна Миладиновци да почнат да се занимаваат и со собирачката дејност-собирање и запишување на македонски народни песни и други умотворби, кои подоцна ги отпечатиле во еден голем Зборник. Во таа дејност се вклучил и средниот брат Наум Миладинов.

Во тој период Македонија била дел од Отоманската Империја. Освен тешкото турско ропство, на народот во Македониjа му се заканувала и денационализација и елинизација преку елинското просветување и црквата, кои биле во власта на грчката Цариградска патријаршија.

 

 

denesen.mk