На денешен ден во Маврово е роден г.г. Доситеј, првиот архиепископ охридски и македонски и поглавар на МПЦ

На денешен ден 7 декември 1906 година во Маврово е роден е г.г. Доситеј, прв архиепископ охридски и македонски, поглавар на Македонската православна црква.

Целиот свој живот го посветил на службата на Црквата. Тој будно го следел решението на македонското црковно прашање и вложувал максимални напори за негово разрешување преку обновата на Охридската архиепископија и создавањето на Македонската православна црква.

На вториот Црковно-народен собир, одржан од 4 до 6 октомври 1958 година, бил избран за поглавар на МПЦ во обновената Охридската архиепископија. Под негово раководство бил свикан третиот Црковно-народен собир, одржан на 18 јули 1967 година, на кој МПЦ била прогласена за автокефална.

Г.г. Доситеј активно се вклучил во решавањето на македонското црковно прашање и прифатил да биде кандидат за прв митрополит македонски – владика Македонец. На Црковно-народниот собор во Охрид, кога се возобновува Охридската архиепископија како Македонска православна црква, бил избран за прв поглавар, востоличен во архиерејскиот трон на св. Климент (4-5. X 1958) со титула Архиепископ Охридски и Скопски и прв митрополит Македонски. На митрополитскиот црковно-народен собор (17. VIII 1967) е прогласена автокефалноста на МПЦ, а архиепископот Доситеј – поглавар на автокефалната МПЦ. Мудро, чесно и самопожртвувано ја раководеше МПЦ во времето на своето 23-годишно архиепископување.

Неговото крстено име е Димитар Стојковски, а се родил како четврто дете од осумте деца на Лазар и Софија. Израснал под планината на Бистра. Богословија започнал да учи во Сремски Карловци во 1922 година, а се замонашил во 1924 година, на 17 години, во „Св Богородица Пречиста“, Кичевско. Негов духовен татко бил игуменот Григориј. По одредените подготовки, Доситеј заминал за Света Гора, каде улогата на духовен татко, ја презел игуменот Митрофан од манасторот „Хилендер“.

Доситеј останал на Света Гора до 1932 година, кога заради потребата од дошколување заминал во Битолската богословија. Како монах Доситеј престојувал и во манастирите „Св. Наум (Охрид), „Св. Богородица (Трескавец), Буковскиот манастир и други. Во меѓувреме, на 12.2.1934 г, од страна на владиката Николај, во црквата “Св. Богородица” во Битола, Доситеј бил произведен на ераѓакон, додека на Цветници го примил еромонашкиот чин.

Доситеј длабоко во себе бил свесен за своето потекло. Обидите на епископот Николај Велимировиќ и од митрополитот Јосиф, да го одродат и да го преобразат Доситеј, а преку него и да ја шират големосрпската пропаганда не успеале. Богословијата во Битола ја завршил во 1937 година, а истата година Српската православна црква (СПЦ) не му доделила стипендија за да се запише на Теолошкиот факултет во Белград. Сепак бил прифатен од нишкиот епископ Доситеј, кој го примил во служба што му овозможило паралелно да студира на Теолошкиот факултет во Белград и да дипломира во 1942 година.

Како последица на промените во Македонија за време на Втората светска војна, во СПЦ настануваат превирања. СПЦ сака да ја спроведе старата српска црковна политика и да го врати во Македонија стариот и омразен митрополит скопски Јосиф. Доситеј како Македонец, прво го острануваат од црквата и го испраќаат да управува со патријаршискиот двор во Сремски Карловци. Таму останува до 1949 година, кога прво добива титула архимандрит, а подоцна бил избран за Епископ топлички – викарен на Српскиот патријарх Викенти. Хиротонијата за викарен епископ се одржала на 22.07.1951 година.

Доситеј ја сфаќа политиката на СПЦ и отворено се спротивставувал на ваквите намери. Во тоа време интензивно комуницирал со Иницијативниот одбор за организирање и за формирање на Македонската православна црква. Најголем дел од членови во Одборот биле македонски свештеници, кои по војната останале со народот и ја споделувале неговата судбина. На иницијатива на Одборот во декември 1951 година, Доситеј со благослов на српскиот патријарх Викентиј, ја посетил родната грутка. Тоа бил значаен датум за Македонците, бидејќи по ослободувањето во 1945 година, прв пат земјата ја посетил некој македонски Владика. Посетата на Доситеј во Македонија предизвикала негативни реакции кај екстремното свештенство на СПЦ, а по неговото враќање во Белград, било дочекан на нож од поранешниот скопски митрополит Јосиф.

По посетата, Доситеј и Иницијативниот одбор ги интензивирале контактите при што се договарале за секој чекор поврзан со црковното осамостојување и возобновување на Охридската архиепископија. Во преговорите кои започнале помеѓу Иницијативниот одбор и Српската патријаршија, главно разговорите се воделе околу изборот на епархиските архијереји за испразнетите македонски епархии. Додека СПЦ инсистирала на враќање на нејзините стари епископи, пред се, на митрополитот Јован (поранешен четнички војвода и познат по својата асимилаторска политика), дотогаш Иницијативниот одбор решително се залагал на испразнетите места да дојдат Македонски епископи.

 

 

denesen.mk