На Крим реактивирана тајната база за подморници од советско време, тврдат активисти

Во видеото објавено на Телеграм на почетокот на февруари, две пловечки бариери се прикажани на влезот во природното пристаниште во Балаклава на Крим под контрола на Русија.

Проукраинските активисти тврдат дека бариерите, кои можат да го затворат пристаништето за морските беспилотни летала, се најновиот доказ дека долгата подморничка база, некогаш позната како Објект 825 ГТС, се враќа во употреба.

„[Руските] окупатори повторно користат стара подземна подморничка база, за воени цели, која претходно функционираше како музеј“, објави неодамна на Телеграм герилската група на кримските Татари – Атеш.

Групата верува дека бариерите против беспилотни летала укажуваат на тоа дека подморничката база се користи за воени цели бидејќи во моментот не постојат други чувствителни објекти во заливот. Пристаништето Балаклава беше демилитаризирано од Украина во 2008 година, а потоа имаше огромни капацитети за марина за пловни објекти.

Подморничката база Балаклава беше завршена во 1961 година кога Крим беше клучен советски поморски центар.

Уникатниот пејзаж на Балаклава им овозможи на советските планери да тунелираат директно од морето на околу 600 метри низ планина доволно обемна за да ги заштити луѓето и бродовите внатре од директен нуклеарен удар.


Тајниот објект содржел засолниште за најмногу девет подморници и нивните екипажи, како и суво пристаниште во кое можело да се поправаат пловните објекти и комори каде што можело да се складира нуклеарното оружје и да се подготви за распоредување.

Тајноста околу советската база доведе до тоа пристаништето на Балаклава да стане „затворена“ област, во која можеа да влезат само оние со посебни дозволи. За време на Студената војна, подморниците влегуваа и излегуваа од подземната база само под закрила на темнината.

По распадот на Советскиот Сојуз базата беше под украинска контрола, но беше оставена нечувана. Еден посетител во 1994 година се присетил дека влегол во некогаш тајната локација која изгледала како „напуштена како резултат на некоја ненадејна катастрофа“, додавајќи дека му доаѓа на ум Чернобил.

Голем дел од внатрешноста беше одземена од крадци во текот на 1990-тите пред Украина повторно да го отвори објектот како музеј во 2003 година.

По анексијата на полуостровот Крим од Русија во 2014 година, базата падна под руска контрола, но продолжи да работи како музеј.

slobodnaevropa.mk