Над 600 производи во новогодишната кошница

Во пресрет на празниците се најавуваат нови мерки за заштита на стандардот на граѓаните во Северна Македонија. Новогодишната кошничка ќе опфаќа повеќе од 675 производи и ќе трае од 15 декември до 15 јануари. Со неа се очекува намалување на цените на производите за 10 проценти и повеќе. Листата на производи е договорена заедно со стопанските комори, синдикатите, производителите, дистрибутерите и трговците. На неа се најдоа дел од основните прехранбени производи како што се лебот, житариците, млекото и млечните производи, месото и преработките, свежи продукти, како и газирани и негазирани пијалоци.

Список во договор со производителите
„Направивме нешто што можеби досега никогаш не е направено – сите заедно разговаравме извесен период и за време на тие разговори дојдовме до компромис. Сите се согласивме во периодот од 15 декември до 15 јануари цените на повеќе од 600 артикли да бидат намалени и брендирани со налепници на кои ќе пишува „Помалку трошоци, повеќе за тебе, се грижиме“, најави премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција во Владата.

Најавите се дека ќе се шири списокот на производи, но и на компании коишто ќе се приклучат на мерката за заштита на животниот стандард на граѓаните. „Очекувам успешна акција, очекувам ниски цени во очи на новогодишните празници, и очекувам среќни граѓани и полна трпеза за време на празниците кои што следат“, вели Мицкоски.

Контроли ќе има – но не и казни
Со оглед на тоа што не станува збор за интервентна мерка од страна на Владата, ниту за мерка за ограничување на цените, туку за консензуално решение, премиерот и министерот за економија, Бесар Дурмиши најавуваат дека нема да има казни, туку само мониторинг на инспекторите, со цел да се види како се применува мерката.

„Нема да има казни за трговците, граѓаните сами ќе контролираат, но инспекциите ќе бидат на терен“, вели министерот Дурмиши.

Но, одредени производители во пресрет на носењето на новогодишната кошница, сепак, ги зголемија цените на дел од основните продукти. Мицкоски му порача на Пазарниот инспекторат дека ќе треба да се направат контроли во наредниот период, за да се види дали производителите навистина ќе ги намалат цените, или во меѓувреме ќе ги зголемат, па само привидно ќе ја коригираат цената.

Претходно Владата донесе мерка за есенска потрошувачка кошница, со која беа опфатени повеќе од 70 основни прехранбени производи, на коишто им беа ограничени профитните маржи. Додека владини преставници беа задоволни од резултатите коишто ги дала оваа мерка, синдикатите алармираа дека е потребно и зголемување на платите за да поднесе товарот на големите трошоци со коишто се соочуваат граѓаните.

 

 

 

DW