Нарачуваат филери од ‘Али експрес’ и сами дома се боцкаат, пластични и естетски хирурзи бараат измени во Законот за јавно здравје

Естетски и пластични хирурзи во земјава поднеле барање за измена на Законот за јавно здравје каде ќе се регулира вбризгувањето на ботокси и филери. Подносители на измените на законот се три стручни здруженија од оваа област: Здружение на дерматовенеролози на Мaкедонија, Македонската асоцијација на пластични, реконструктивни и естетски хирурзи и Здружение за естетска медицина. Со предложените измени, ќе се ограничи можноста за извршување на естетски медицински интервенции од лица кои немаат медицинска квалификација, со што ќе се зајакнат стандардите за безбедност и квалитет во оваа област.

„Нарачуваат филери од ‘Али експрес’ и сами дома се боцкаат. Пазарот е преплавен со филери од Кина и Јужна Кореја. Ни дојде пациентка која ни кажа дека козметичарка ѝ дала инструкции сама дома да си стави половина доза од филерот. Ова најчесто го прават по маалки козметички салони и потоа доаѓаат на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија да им помогнеме“, кажа денеска на брифинг со новинарите д-р Игор Пеев, од Здружението за естетска медицина (ЗЕМ).

Д-р Пеев и д-р Анџелка Илиева од ЗЕМ апелираат дека во земјава има несоодветна примена на член 33 и 35 од Законот за јавно здравје и поднеле барања да се сретнат со министерот за здравство Арбен Таравари и со претседателката на Комисијата за здравство во Собранието, Рашела Мизрахи, со цел да се спречат штетни последици по здравјето на граѓаните.

Д-р Илиева вели дека хијалуронски филер е медицинско помагало еднакво на стент во кардиохирургијата и затоа секое негово користење од немедицинско лице и во нестерилни услови се смета за надрилекарство.

„Јас сум специјалист доктор, никогаш не сум помислила сама на себе да си ставам филер“, вели др. Илиева.

 

 

skopjeinfo.mk