Народната банка соодветно реагира на ценовните притисоци

Народната банка соодветно реагира на притисоците кои од меѓународните пазари на примарни производи, односно основни прехрамбени производи и енергенти, се пренесуваат на домашните цени и нагорно ја придвижуваат инфлацијата.

Неизвесноста и понатаму останува висока, оттаму Народната банка и понатаму треба да продолжи да ги следи меѓународните и домашните движења и доколку е потребно, соодветно да реагира. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, директорката на Светска банка за Западен Балкан, Шиаочинг Ју и директорот на Светска банка за земјава, Масимилијано Паолучи.

На средбата беше зборувано за есенските макроекономски проекции на Народната банка, кои во предвид го земаат влошениот глобален амбиент, како резултат на натамошните геополитички тензии од воената инвазија на Русија врз Украина, пандемијата на ковид-19 и дополнителните притисоци врз цените на светските пазари на примарни производи. Согласно ова, во октомвриските проекции на Народната банка инфлацијата е ревидирана нагоре, во услови на нагорни корекции на оцените за увозните цени, односно на 14,3%. За следната година се очекува намалување на увозните цени, со што би се намалиле и притисоците врз домашната инфлација и во отсуство на поголеми притисоци од побарувачката се очекува дека просечната стапка на инфлација ќе биде поумерена, односно 8%-9%. Очекувањата на среден рок се дека инфлацијата значително ќе забави, сведувајќи се на 2,4% во 2024 и ќе се врати на историскиот просек од 2% во 2025 година.

 

republika.mk