Во 2020 година, тим предводен од професорот Ксиулин Руан од Универзитетот Пурдју во САД објави дека ја развил најбелата боја на светот. Според студијата објавена во тоа време во списанието ACS Applied Materials & Interfaces, оваа боја е толку бела што може да рефлектира повеќе од 98% од сончевата светлина и инфрацрвената топлина. Тестовите исто така покажаа дека површината обоена со оваа бела боја е до 4,5 степени Целзиусови постудена од амбиенталната температура. Во вечерните часови, температурните разлики можат да бидат и до 10 степени.
Својствата на бојата се особено корисни затоа што, меѓудругото, освен што може да ја намали температурата во зградите, ја намалува и потребата за климатизација до 40%, според весникот Њујорк Тајмс. Исто така, бојата, дури и под вжештено сонце, е ладна на допир и за разлика од климатизерите, на бојата не и треба струја за да работи и не го загрева надворешниот воздух.
Во 2021 година, Гинис ја прогласи за најбела боја воопшто, и оттогаш собра повеќе награди. Иако бојата е оригинално дизајнирана за кровови, во меѓувреме се заинтересирани и производители на облека, чевли, автомобили и камиони, па дури се интересира и вселенската индустрија. Минатата година, др. Руан и неговиот тим соопштија дека создале нова, уште полесна верзија, која може да рефлектира сончева светлина и од автомобили.
„Ние всушност не се обидувавме да создадеме најбела боја на светот“, изјави Руан во интервју за Њујорк Тајмс. „Сакавме да помогнеме со климатските промени, кои се претвораат во вистинска криза, и дополнително се влошува. Сакавме да се обидеме да заштедиме енергија, а притоа да ја оладиме Земјата“.
Prof. Jeremy Munday recently spoke with the @nytimes to discuss how scientists have made a white paint that can make surfaces up to 8 degrees cooler than air temperatures at midday, and up to 19 degrees cooler at night, cutting AC needs by as much as 40%.https://t.co/Sf6K6VVM3W
— UC Davis ECE (@UCDavisECE) July 17, 2023
Она што ја прави иновативната бела боја на Пердју толку посебна е тоа што не се базира на конвенционален титаниум оксид; наместо тоа, истражувачите користеле бариум сулфат (BaSO4), кој не апсорбира ултравиолетова светлина. Дополнително, содржината на пигментот на оваа ултрабела боја е поголема отколку кај конвенционалните бои и големината на пигментните честички варира, што придонесува за подобра рефлексија на светлината. Притоа, иако е официјално „најбелата“ боја во светот, таа не заслепува бидејќи ја разложува светлината. Таа не изгледа воопшто поинаку од белата боја која ќе ја купите во било која продавница, вели Руан.
Комерцијалното производство на бојата е во завршна фаза, а во моментов течат процесите за нејзина подолга трајност и отпорност на прашина.
Идејата во принцип не е нова затоа што живописни места како Санторини и Казабланка со векови ги бојосуваат крововите со бела боја за да се заштитат од сончевите зраци и топлината. Разликата е што комерцијалните бели бои, рефлектираат меѓу 80 и 90% од сончевата светлина, а остатокот го апсорбираат. Новата боја, апсорбира далеку помалку и може да помогне да се олади целата планета.
Професорот Џереми Мундај од Универзитетот Калифорнија, кој е експерт за електрично и компјутерско инженерство, пресметал дека доколку се покрие 1 до 2 отсто од површината на Земјата со материјали како ултрабелата боја на Универзитетот Пурдју, планетата нема повеќе да апсорбира повеќе топлина одошто емитува, и глобалните температури ќе престанат да растат.
Она што го прави користењето на бојата проблематично е фактот дека таа содржи бариум сулфат кој мора да се копа, но иста е ситуацијата и со обичната боја за која мора да се копа титаниум диоксид.
Професорот Мундејн вели дека ултрабелата боја можеби не е долгорочно решение за проблемот со глобалното затоплување, но може да помогне на кус рок.
„Ова е нешто што можете да го сторите на кус рок за да спречите влошување на проблемот додека се обидувате да ја ставите ситуацијата под контрола“, изјави тој за Њујорк Тајмс.
DW