Најважните случувања во 2024 година во Македонија, Албанија и Косово

Парламентарните и претседателските избори во Северна Македонија, протоколот меѓу Албанија и Италија за „зајакнување на соработката во областа на миграцијата“, тензиите и протестите во Албанија, тензиите меѓу Приштина и Белград, посетите на високо ниво во земјите од регионот, вклучително и онаа на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Албанија, се меѓу главните теми што ја окарактеризираа оваа година во регионот.

Ова се некои од најважните случувања во трите земји од регионот што ја одбележаа 2024 година и кои Анадолија ги прикажува хронолошки.

– Северна Македонија
На 22 јануари се одржа состанокот на лидерите на земјите од регионот посветен на Планот за раст за Западен Балкан, на кој присуствуваа премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама, премиерот на Косово, Албин Курти, премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, како и генералниот директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија, Герт Јан Купман, и помошник-државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’Брајан. На оваа средба беа соопштени заедничките очекувања за придонесот на планот за забрзување на интеграцијата на земјите од регионот кон ЕУ.

На 25 јануари, претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, и премиерот Димитар Ковачевски поднесоа оставки, како дел од подготовките за парламентарните избори што се одржаа на 8 мај годинава.

На 28 јануари, Собранието на Северна Македонија ја изгласа техничката влада, предводена од премиерот Талат Џафери, врз основа на Пржинскиот договор, според кој редовната влада поднесува оставка и 100 дена пред денот на изборите се избира техничката влада која ги организира изборите.

На 14 февруари, претседателот на Собранието на Северна Македонија, Јован Митрески, ги распиша претседателските и парламентарните избори, кои се одржаа на 24 април и 8 мај.

На 29 март, Северна Македонија и Италија го потпишаа Техничкиот договор за вклучување на италијанските воздухопловни сили во воздушната патролна мисија на НАТО над небото на Северна Македонија, договор кој во Скопје го потпишаа министерката за одбрана на Северна Македонија Славјанка Петровска и италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето.

На 15 април, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, објави дека земјата е коспонзор на Резолуцијата на ОН насловена „Меѓународен ден на размислување и сеќавање на геноцидот во Сребреница во 1995 година“, во која една од главните точки беше утврдувањето на денот на комеморацијата на масакрот во Сребреница, на 11 јули секоја година.

На 8 мај, во Северна Македонија се одржа вториот круг од претседателските избори, каде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, успеа да обезбеди победа над кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски. Исто така се одржаа и парламентарните избори на кои тогашната опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, освои мнозинство гласови за формирање на новата влада.

На 19 мај, Гордана Силјановска-Давкова положи заклетва како претседател на Северна Македонија и стана првата жена на оваа функција.

На 24 јуни, Собранието на Северна Македонија ја избра новата влада предводена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со коалицијата ВЛЕН и Движењето ЗНАМ во владината коалиција.

Косовскиот премиер Албин Курти на 5 август ја посети Северна Македонија, каде што беше примен на средба од неговиот колега Христијан Мицкоски.

Министерот за надворешни работи на Туркије, Хакан Фидан, на 5 септември престојуваше во официјална посета на Северна Македонија, каде што беше примен од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, како и од претседателот на Собранието Африм Гаши и премиерот Христијан Мицкоски.

Претседателката на Собранието на Албанија, Елиса Спиропали, на 23 септември беше во официјална посета на Северна Македонија, каде со високи државни и воени почести беше примена од нејзиниот колега од Северна Македонија, Африм Гаши.

На 27 септември, унгарскиот премиер Виктор Орбан допатува во официјална посета на Северна Македонија, каде што беше примен од неговиот македонски колега, Христијан Мицкоски, во премиерската вила во Охрид.

На 12 октомври во Охрид почина поранешниот премиер на Шкотска, Алекс Салмонд.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на 24 октомври го посети Скопје во рамки на нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан, а беше пречекана од премиерот Христијан Мицкоски, по што изрази уверување дека пречките можат да се надминат на патот на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ.

На 19 ноември, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, одлучи да ја назначи поранешната висока функционерка од Северна Македонија, Радмила Шекеринска, за заменик-генерален секретар на воената алијанса.

На 21 ноември „Јени џамија“ во градот Битола беше свечено отворена како музеј на културното наследство на христијанството и исламот, по што реагираше муслиманската заедница во земјава изразувајќи „длабока загриженост“.

На 11 декември, Уставниот суд на Северна Македонија на 32-та седница одлучи да одржи подготвителна седница за иницијативите за оцена на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците, како и да побара „Amicus curiae“, односно „пријателски совет“ од Венецијанската комисија, додека протестите организирани од албанската опозиција продолжија пред зградата на судот со барање овој закон да не се укинува.

На 21 декември, претседателот на Големото национално собрание на Туркије (ТБММ), Нуман Куртулмуш, ја започна својата тридневна посета на Северна Македонија, како дел од одбележувањето на Денот на образованието на турски јазик, каде, меѓу другото, одржа средби на високо ниво со државни претставници.

На 26 декември во Скопје се одржа бизнис-форумот меѓу Туркије и Северна Македонија, на кој присуствуваше и турскиот министер за трговија, Омер Болат.

– Албанија
Шефот на турската дипломатија Хакан Фидан на 28 и 29 јануари престојуваше во официјална посета на Албанија, при што се сретна со високи претставници на земјата, а во фокусот на разговорите беа билатералните односи, како и регионалните и светските случувања.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на 15 февруари беше во официјална посета на Албанија, каде се сретна со високи претставници.

Парламентот на Албанија на 22 февруари го ратификуваше протоколот меѓу Албанија и Италија за „зајакнување на соработката во областа на миграцијата“. Протоколот за мигрантски центри беше потпишан меѓу двете земји на 6 ноември 2023 година, додека договорот предизвика реакции во Албанија и Италија.

На 28 февруари во Тирана се одржа Самитот Украина-Југоисточна Европа, на кој учествуваа лидерите од земјите од Југоисточна Европа и земјите од Западен Балкан, додека премиерот на Албанија, Еди Рама, и претседателот на Украина, Владимир Зеленски, беа коорганизатори на самитот.

На 29 февруари се одржа Регионалниот самит за планот за раст и конвергенција со фокус на интеграцијата кон Европската Унија (ЕУ), како и имплементацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, со учество на лидери од земјите од регионот и претставници на различни меѓународни институции и организации.

На 1 март албанските власти објавија дека турските беспилотни летала „Бајрактар ТБ2“ пристигнале во Албанија, а тоа се смета за плод на албанско-турското стратешко партнерство и во контекст на модернизацијата на Албанските вооружени сили како членка на НАТО.

На 4 март беше инаугурирана тактичката воздушна база на НАТО во Албанија во Кучово, округот Берат, што е првата база на Алијансата во регионот на Западен Балкан.

На 5 март Специјалниот првостепен суд за корупција и организиран криминал на Албанија (ЃККО) го осуди избраниот градоначалник на Општина Химара, Алфред Белери, на две години затвор. Апсењето и осудувањето за кривичното дело „активна корупција на избори“ на Белери, кој е познат како припадник на грчкото малцинство во Албанија, предизвика реакции во Албанија и Грција.

На 5 април почнаа протести за „денунцирање на случаите на корупција во Општина Тирана“, кои траат веќе неколку месеци. Протестите се организираа по апсењето на некои поранешни функционери на Општина Тирана, обвинети за корупција, на крајот на март 2024 година. Некои од протестите беа придружени со тензии и судири со полициските сили.

На 28 јуни, Институтот за статистика на Албанија (ИНСТАТ) ги презентираше главните податоци од „Пописот на населението и домовите 2023 година во Албанија“, што покажаа дека резидентното население во земјата е над 2,4 милиони жители, со намалување за 420 илјади луѓе во споредба со пописот од 2011 година.

Собранието на Албанија на 30 јули ги одобри измените во владиниот кабинет, во повеќе министерства и раководството на Собранието, каде на функцијата спикер беше избрана Елиса Спиропали.

На 30 септември Собранието на Албанија беше сцена на тензии, каде пратениците од опозицијата по судирите и тензиите во салата за седници ги запалија столчињата пред Парламентот. Тензиите, но и протестите продолжија неколку недели поради казната затвор од 1 година на поранешниот пратеник на Демократската партија, Ервин Салијањи, за кривичното дело „лажна пријава“.

Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, на 10 октомври престојуваше во официјална посета на Албанија. За време на посетата, со учество на претседателот Ердоган, премиерот Еди Рама и други претставници од двете земји, свечено беше отворена џамијата „Намазѓа“, изградена со финансиски придонес на Туркије.

На 15 октомври се одржа Втората меѓувладина конференција меѓу Албанија и Европската Унија (ЕУ), со која беше означено официјалното отворање на преговорите за првата група поглавја, за процесот на членство на Албанија во ЕУ. Третата меѓувладина конференција Албанија-ЕУ се одржа на 17 декември.

На 16 октомври во Албанија пристигнаа првата група илегални имигранти, според договорот потпишан меѓу Албанија и Италија за центрите за имигранти, а во меѓувреме групата замина по неколку дена.

Поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета, на 21 октомври беше уапсен под обвинение за перење пари, корупција и непријавување имот.

На 18 ноември, по расправа меѓу неколку малолетници во близина на училиште, 14-годишен ученик беше избоден до смрт, а уште еден беше повреден. Овој настан предизвика реакции и протести за безбедноста во училиштата и нивната околина.

Специјалниот првостепен суд за корупција и организиран криминал (ЃККО) на 27 ноември донесе одлука за укинување на безбедносната мерка куќен притвор за поранешниот премиер на Албанија, Сали Бериша. Мерката против него беше донесена на 30 декември 2023 година, според властите, како осомничен за корупција.

На 21 декември властите во Албанија потврдија дека социјалната мрежа ТикТок ќе биде затворена во земјата една година. Иницијативата дојде по убиството на 14-годишниот ученик од врсник и по случаите на расправии меѓу малолетници кои се објавуваат и на интернет.

– Косово
На 1 јануари, со одлука на Европскиот парламент, граѓаните на Косово беа ослободени од визниот режим за патување во Шенген-зоната.

Владата на Косово на 4 јануари донесе одлука за укинување на режимот на ставање налепници за возилата со српски регистарски таблички кои влегуваат на територијата на Косово.

Централната банка на Косово на 18 јануари донесе одлука дека од 1 февруари во Република Косово еврото ќе биде единствената дозволена валута за готовински трансакции.

На 2 февруари, по налог на Косовското обвинителство и во координација со Косовската разузнавачка агенција, косовската полиција спроведе акција за затворање на паралелните структури на Србија кои дејствуваа во регионот на Пеќ.

Владата на 2 април го одобри Предлог-законот за ратификација на воениот рамковен договор меѓу Владата на Република Косово и Владата на Република Туркије. Договорот предвидува соработка во областа на воената обука, во одбранбената индустрија, размена на воено разузнавање, воена медицина и мировни и хуманитарни операции.

Република Косово на 5 април го започна процесот на попис на населението и домаќинствата. Според резултатите на Агенцијата за статистики на Косово, заедно со општините со мнозинско српско население на северот на Косово, каде овој процес беше бојкотиран од жителите, вкупниот број жители се проценува на 1.602.515 жители.

На 21 април беше затворен гласачкиот процес во четирите северни општини со српско мнозинство, каде граѓаните имаа можност да гласаат за или против разрешување на актуелните градоначалници. Централната изборна комисија соопшти дека само мал број граѓани го искористиле правото на глас, поради бојкотот на овој процес од страна на локалните Срби.

На 6 мај свечено беше отворена по реставрацијата џамијата „Алаудин“ во Приштина, овозможена од Генералниот директорат за вакафи на Република Туркије.

Министерството за внатрешни работи на Косово на 7 мај донесе одлука со која се овозможи премин од возачки дозволи издадени од нелегалните српски институции во Косово на официјални издадени од косовските институции.

Косовската полиција на 20 мај затвори шест единици на таканаречената Поштенска штедилница (Banka Postanske Stedionica) како нелегална финансиска институција на Србија на територијата на Република Косово.

На 23 мај, Собранието на Косово го одобри меѓународниот договор со Данска за закуп на Воспитно-поправната установа во Гњилане за извршување на данските казни. Договорот ќе важи 10 години, а Косово ќе има корист од 210 милиони евра.

Владата на Косово на 13 јуни го одобри пакетот за санкции против Исламската Република Иран. На седницата на владиниот кабинет беше соопштено дека санкциите се координирани со Соединетите Американски Држави (САД), Европската Унија (ЕУ) и другите сојузници.

На 26 јуни, претставникот на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, и емисарот на ЕУ за дијалогот Косово-Србија, Мирослав Лајчак, одвоено се сретнаа со премиерот на Косово, Албин Курти, и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, без трилатерална средба.

Собранието на Косово на 11 јули на вонредна седница по повод Сеќавањето на жртвите од масакрот во Сребреница ја одобри Декларацијата за комеморација на геноцидот во Сребреница.

На 16 јули, Тајланд стана следната земја која го укина визниот режим за граѓаните на Косово.

На 22 јули, Советот на Европската Унија ја одобри регулативата која им овозможува на косовските Срби кои носат пасоши издадени од Српската координативна дирекција во Белград, слободно движење без визи како и целиот регион на Западен Балкан.

Косовската џудистка Дистриа Красниќи на 28 јули го освои сребрениот медал на Олимписките игри „Париз 2024“.

На 21 август Косово ја прифати одлуката на Владата на Република Туркије, која на Министерството за одбрана на Република Косово му додели околу 1 милион американски долари донација за зголемување на воените капацитети на Косовските безбедносни сили.

Министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала, на 6 септември се сретна со својот турски колега Хакан Фидан.

Енрико Бардуани, генерал-мајор на италијанската Армија, на 11 октомври официјално ја презеде функцијата шеф на мисијата на НАТО на Косово – КФОР. На оваа функција на временски период од една година претходно беше Озкан Улуташ, генерал-мајор на турската Армија.

На 11 октомври, со свечена церемонија, министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци, го пречека на состанок министерот за национална одбрана на Туркије, Јашар Ѓулер. Министерот Ѓулер истакна дека Туркије е заинтересирана да продолжи да придонесува за стабилноста на регионот, интегритетот, суверенитетот и безбедноста на Косово.

На 29 октомври Косово и Саудиска Арабија потпишаа договор за директни воздушни услуги меѓу двете земји.

На 18 ноември, Владата на Република Косово и Владата на Република Северна Македонија на заедничка средба во Приштина потпишаа билатерални договори од областа на енергетиката, образованието и олеснувањето на слободното движење на граѓаните на двете земји.

На 29 ноември, во селото Вараге во Зубин Поток, на северот на Косово, вечерта се случи силна експлозија со последици, при што беше оштетен водниот канал Ибар-Лепенец. Косовските власти изјавија дека нападот бил насочен кон критичната инфраструктура на земјата – системот за водоснабдување и производството на електрична енергија, обвинувајќи ја Србија за овој напад.

Владата на Косово на 13 декември донесе одлука со која граѓаните на Босна и Херцеговина од 1 јануари 2025 година ќе можат да патуваат на Косово со биометриска лична карта.

Владата на Република Косово на 16 декември потпиша договор со турскиот државен производител на одбранбената индустрија „Makine ve Kimya Endüstrisi“ (MKE) за функционализација на фабрика за муниција на Косово, која ќе произведува различни калибри на муниција според стандардите на НАТО.

Премиерот на Косово, Албин Курти, и премиерот на Албанија, Еди Рама, на 20 декември потпишаа Договор за соработка меѓу Косово и Албанија за организација на Медитеранските игри во 2030 година.

извор:Анадолија