Невреме во Хрватска и Србија: Починато дете и големи штети

Силното невреме кое ја зафати Хрватскаво петок попладне (21.07) предизвика значителни штети на полуостровот Истра. Во Новиград дрвја паѓаа врз приколки, шатори и автомобили, јави регионалниот весник „Глас на Истра“ повикувајќи се на информации од властите. Повредени лица нема, објави dw.com.

Невреме кое е последица од суперклеточна бура вчеравечер ги зафати и Војводина и подрачјето на Белград, а големите дождови проследени со силен ветер предизвикаа проблеми во сообраќајот.

Како што објави порталот 021.rs, најлоши последици од невремето имало во Нови Сад. Таму за време на невремето загинало 12-годишно дете, најверојатно од гром или струен удар, а во месноста Детелинара невремето соборило кран на градилиштето, кој при падот оштетил три соседни згради. Како последица на невремето, делови од Нови Сад останаа без струја.

Во Грција, пак, не се наѕира крај на огромните горештини. Во текот на викендов се очекува искачување на температурата до 45-от степен. Противпожарната служба предупредува од голема опасност од пожари. Во моментов, најтежок пожар има кај местото Лаерма, на островот Родос, но туристите, како што се вели, не се во опасност.

Топлотниот бран, според прогнозите, ќе трае и во текот на наредната недела. Во среда се очекуваат нови рекордно високи температури.

извор:dw.com
фото:dw.com