Во текот на оваа работна недела времето во Македонија ќе биде променливо облачно, повремено со слаби локални врнежи од дожд, а на планините над 1300/1400 метри надморска височина ќе има слаби врнежи од снег. По котлините ќе има појава на магла, а локално таа ќе биде и густа и ќе се задржи и во текот на денот, со што и температурата ќе остане пониска.
Токму поради очекуваната густа магла по котлините, на возачите им препорачуваме да бидат крајно внимателни како управуваат со своите возила поради намалената видливост, особено во ноќните и во утринските часови кога маглата ќе биде најизразена.
Во Скопскиот регион исто така во текот на оваа работна недела ќе имаме претежно магливо време и повремено таа ќе биде густа, особено во ноќните и во утринските часови.
Што се однесува до температурите, тие ќе се искачуваат во интервалот од 5 до 13 степени, додека од средината на оваа недела истите ќе бидат пониски и ќе се искачуваат во интервалот од 4 до 11 степени.
Од средината на оваа недела пад ќе бележат и минималните утрински температури и тие ќе се спуштаат во интервалот од -3 до 4 степени.
Одсега гледано уште поголем продор на ладен воздух од север во Македонија ќе имаме во текот на ноќта недела кон понеделник, односно ноќта помеѓу 15 и 16 декември, но многу појасни информации околу ова и дали овој ладен бран би донесол пообилни врнежи од снег ќе имам во следните мои метео објави, најавува метеопрогнозерот Славчо Попоски.