Николоски и Кулеба потпишаа Спогодба за либерализација на транспорт и транзит на стока

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, денеска (12 феврауари) оствари видео конференциска врска со Олекси Кулеба, заменик претседател на Кабинетот на министри на Украина, соопшти Министерство за транспорт.

Двајцата потпретседатели во име на владите на двете земји го потпишале Протоколот за измена на Спогодбата меѓу Македонија и Украина за меѓународниот патен превоз на патници и стока.

„Со измените на Спогодбата се предвидува, двете земји да воведат либерализација за билатералниот и транзитниот превоз во меѓународниот патен превоз на стоки, односно истиот да се одвива без дозволи“, се наведува во соопштението.

Дополнително, како што велат од Министерство за транспорт, превозниците од двете земји да можат да вршат превоз за/од трети земји врз основа на дозволите што ги разменуваат Македонија и Украина во реципроцитет на годишна основа.

Во однос на билатералниот и транзитен превоз со евро стандард 2, останува да се врши согласно разменетите дозволи исто така на годишна основа, се наведува во соопштението.

Двете страни изразиле подготвеност за унапредување и развој и на превозот на патници.

Овие измени, како што истакнал вицепремиерот Николоски, се во духот на одличните пријателски односи меѓу Македонија и Укрaина, пред се за зголемување на економската соработка, како и намалување на административните бариери во превозот на добра и патници.

Исто така, вицепрeмиерот Николоски ја нагласил силната подршка на Владата и македонскиот народ кон Украина и украинскиот народ, потенцирајќи ја подготвеноста за давање на континуирана помош.

 

 

slobodnaevropa.mk