„Асошиејтед прес“ отпушти еден од своите истражувачки новинари затоа што објавил лажни информации за проектилот што падна во источна Полска среде тековната руско-украинска војна, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Џејмс ЛаПорта (32) е отпуштен по кратката истрага за објавената вест во која се вели дека две лица загинале од „руски проектили“ кои паднале во Полска – членка на НАТО, и погодиле област во близина на границата со Украина, објави „Дејли бист“.
Официјалните претставници подоцна појаснија дека Москва најверојатно не стои зад инцидентот и дека проектилот, иако е од руско производство, најверојатно е истрелан од Украина, од силите за противвоздушна одбрана.
ЛаПорта ја базира веста на информацијата на еден „висок функционер на американското разузнавање“ и покрај правилото на новинската агенција дека „рутински бара повеќе од еден извор кога изворите се анонимни“, според американската веб-страница за вести.
Како одговор на инцидентот, руското Министерство за одбрана соопшти дека не извршило напади на 35 километри од полската граница.
Од своја страна, полскиот претседател Анджеј Дуда рече дека најверојатно станува збор за несреќен случај и дека проектилот најверојатно не бил руски.
извор:Агенција Анадолија (АА).