Нотр Дам по пожарот: Катедралата во Париз се отвора прерано?

Нотр Дам не е која било црква, туку во Франција е нешто како национално светилиште. Веројатно затоа претседателот Емануел Макрон на шокираната нација ѝ се обрати веднаш по ноќта на пожарот на 15 април, ветувајќи дека тешко оштетената црква ќе биде обновена за само 5 години и дека ќе биде „поубава од порано“.

Во „националниот проект“ се слеаја многу пари. Бирократски пречки практично не постоеја. Работата, планирана генералштапски, се одвиваше според она што беше замислено, барем официјално. Нотр Дам треба повторно да се отвори со славеничка церемонија на 7 декември. Макрон сака да одржи говор во дворот на катедралата, во присуство на бројни шефови на држави или влади. На крајот на краиштата, катедралата ѝ припаѓа на државата. Следниот ден надбискупот Лоран Улрих треба да отслужи прва свечена миса, на која ќе биде осветен и новиот олтар.

Стара црква во нов сјај
Секој што ја знае Нотр Дам од времето пред пожарот ќе биде изненаден: ѕидовите се ослободени од саѓи и нечистотија кои се таложеле со векови. Низ исчистените прозорци доаѓа повеќе светлина отколку порано, правејќи свежите бои и позлатените фрески да блескаат. Исчистени се и 2.300 статуи и 8.000 цевки на оргулите. Неодамна беа поставени 1.500 нови столчиња, претходно благословени. Требаше да се преместат добри илјада кубни метри камења, да се подигнат и повторно да се демонтираат 2.000 тони делови за скелиња. Во реставрацијата беа вклучени речиси 250 компании и ателјеа.

Кој би помислил дека црквата, изградена помеѓу 1163 и 1345 година, повторно ќе стане „градилиште на векот“? Досегашни трошоци: 700 милиони евра. Во невиден напор за собирање средства беа собрани околу 840 милиони евра. Останатите 150 милиони ќе бидат искористени за решавање на веќе неопходната реставрација на апсидата и потпорите. Работата на нив ќе започне по повторното отворање и ќе трае уште три години.

„Чудото од Нотр Дам“
Од катастрофалниот пожар, кој предизвика ужасеност во светот, поминаа пет години: Противпожарната бригада се бореше четири часа додека го локализира пожарот на дрвената покривна конструкција. Обемот на уништувањето не беше толку голем како што првично се стравуваше. Се урна централната сводна кула, а со неа и три дела на сводот, имаше дупка во хорот, но готската Богородица остана нечепната, иако кулата се урна до неа. Барбара Шок-Вернер, германска експертка за катедрали, во тоа време во интервју за ДВ тоа го нарече „Чудото од Нотр Дам“.

„Опасноста од уривање на целата црква беше голема“, се сеќава Шок-Вернер, „ќе беше потребна само една бура и штетата ќе беше огромна“. Но, Париз имаше среќа во несреќа. Многу поразорен ефект имаше „проблемот со олово“: од оловниот покрив на Нотр Дам паднаа или се стопија оловни плочи. Оловото се разлеа низ сводот. Отровната прашина од олово покри сè. Градежните работи беа отежнати. „Тоа беа прилично големи предизвици“, вели Шок-Вернер.

Зградата сè уште е премногу влажна?
Заедно со тогашниот француско-германски ополномоштеник за културна соработка Армин Лашет, поранешниот градежен мајстор во Келн ја координирала германската помош. Во келнската катедрална работилница се исчистени и обновени четири прозорци на базиликата. А, клепалото за ѕвоната на Нотр Дам се направени од страна на семејна фирма во Анценкирхен, во Долна Баварија.

Шок-Вернер има голема почит за брзата реставрација на Нотр Дам. Но, мешавината од временски притисок и пари има и своја негативна страна: „Зградата е всушност сè уште премногу влажна“, предупредува архитектката и експертка за катедрали, додавајќи: „Може само да се надеваме дека малтерот на ѕидовите во внатрешноста ќе издржи.“ На свежото дабово дрво за покривната конструкција веројатно исто така добро ќе му дојдеше повеќе време за сушење. „Вообичаено, го оставате дабот додека не се исуши и дури потоа го користите. Но, се разбира, тоа се должи на временскиот притисок. И, останува само надежта дека сѐ ќе биде како што треба.“

„Француски успех“
Сè уште не е јасно како Париз планира да се справи со очекуваниот наплив на посетители на Нотр Дам. Француската министерка за култура Рашида Дати сака да се наплаќаат влезници, но Католичката црква го отфрла тоа. Градот Париз размислува подземниот паркинг пред катедралата да го претвори во центар за посетители.

Според Елисејската палата, францускиот претседател Емануел Макрон, кој внатрешнополитички не стои баш најдобро, ја гледа обновата на Нотр Дам како „француски успех“. Катедралата блеска во нов сјај – и многу од околу 3.000 поканети гости сакаат да уживаат во неа на отворањето овој викенд, вклучително 50 шефови на држави и познати личности. Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер патува во градот на Сена, како и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во последен момент – преку Truth Social – новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп исто така го најави своето доаѓање. Макрон заврши „одлична работа“ со реставрацијата, оцени Трамп. Париз најверојатно ќе личи на тврдина за време на церемонијата на отворање: на должност треба да бидат околу 6.000 припадници на безбедносните сили.

 

 

 

DW