Обвинителство: За тројца од „организаторите на 27 април“ треба да важи амнестијата

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во мислење испратено до Основниот кривичен суд Скопје наведува дека за тројца од вкупно четворицата обвинети во предметот „Организаторите на 27 април“ треба да важи Законот за амнестија од 2018 година.

Предметот е поврзан со упадот во Собранието на 27 април 2017 година, настан познат во јавноста и како „крвавиот четврток“. Упадот беше со цел да се спречи избор на Талат Џафери за претседател на парламентот при што беа повредени пратеници и новинари.

Обвинети во „Организаторите на 27 април“ за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста се поранешниот претседател на Собранието од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славевски, неговите сопартијци и поранешни министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

„Почитувајќи ги законските одредби и имајќи ги предвид ограничувањата при примената на законот, обвинителството темелно ги образложи причините за своето мислење со кое наоѓа дека кај тројца од обвинетите законските одредби налагаат амнестија, додека кај еден обвинет не може да се примени овој правен институт, бидејќи за истиот важат исклучоците од амнестијата која ја дал законодавецот со своето законско решение“, соопштија од ОЈО ГОКК.

 

 

 

slobodnaevropa.mk