Васил Јанев кој завчера ја усмрти младата Фросина Кулакова возејќи со 130 километри на час на булеварот „ Партизански одреди“, лани за трговија со наркотици бил ослободен од притвор и иако бил полнолетен кога го сторил делото му било пресудено да оди во поправен дом за малолетници.
Судијката која ја донела пресудата е Даниела Алексовска Стојановска, која на 31 Јули 2024 пресудила воспитна мерка – упатување во воспитно поправен дом во согласност со Законот за правда на децата при што ја укинала притворската мерка и Јанев се нашол на слобода, објави Радио Лидер. Тоа е истата судијка која го пресуди „Талир2“.
„Обвинението од ОЈО било поднесено на 2 април, а МВР поднело кривична пријава само три дена претходно, откако во рација во неговиот дом пронашле над 80 паковки со амфетамин.
Сторителот во моментот на сторувањето на делото бил полнолетен, но затоа што станува збор за помлад полнолетник него му било пресудено да оди во поправен дом. Според адвокатската фела, многу е ретко ваква пресуда да се даде на некој што бил уапсен со толкава количина на дрога.
Тој без возачка дозвола, исто така пред две години предизвикал сообраќајка со повреди, но немало кривичен прогон.
-Против истото лице до обвинителството е поднесена само уште една пријава на 01.02.2023 година за кривично дело од член 297 за сообраќајна незгода случена на 04.11.2022 година во која едно лице се здобило со полесни повреди. Јавниот обвинител спровел постапка и со изјавена согласност на оштетената донел Решение со кое не се презема кривично гонење согласно чл.43 од ЗКП, а осомничениот се согласил да постапи по напатствијата на јавниот обвинител и да уплати паричен износ од 18.000 денари во корист на Буџетот на РСМ. Освен ова МВР повело и прекршочна постапка за возење без возачка дозвола. Други кривични пријави за лицето не се поднесени во јавното обвинителство – стои во соопштението на обвинителството.
lider.mk