Поради враќањето на авионот што превезуваше луѓе блиски до српскиот претседател Александар Вучиќ од аеродромот во Тиват, Србија спроведе 24-часовни детални контроли на црногорските граѓани на граничните премини, па чекањето за влез во Србија траеше и над 6 часа. На некои црногорски граѓани им е забранет влез под изговор дека претставуваат безбедносна закана за Србија. Највисоките функционери на Црна Гора го премолчеа малтретирањето на нивните граѓани на граничните премини.
Враќањето од аеродромот во Тиват на авион со 87 мажи, за кои српската опозиција и некои медиуми велат дека се специјален тим на српскиот претседател Александар Вучиќ и неговата Српска напредна партија – предизвика нови тензии меѓу Србија и Црна Гора, во кој најтешко поминаа црногорските граѓани кои беа темелно проверувани цели 24 часа при влезот во Србија. Ситуацијата на граничните премини се нормализираше дури откако службениците на Српската безбедносно-информативна агенција (БИА) се повлекоа од нив, и тоа откако Вучиќ од Тиват ги повика српските државни власти да ги пуштат црногорските граѓани во Србија.
Одмазда за депортацијата на лојалистите на Вучиќ
На српските гранични премини Гостун, Шпилјани и Јабука, во четвртокот имаше километри долги редици, а многу патници се вратија во Црна Гора бидејќи не можеа да чекаат.
Таканаречените реципрочни мерки беа воведени од Србија откако црногорската полиција и Агенцијата за национална безбедност вратија во Белград авион со 87 безбедносно – интересни лица кои, според некои српски медиуми, планирале да организираат неколку собири во поддршка на Вучиќ за време на неговиот престој на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, со цел да создадат впечаток дека српскиот претседател ужива силна поддршка од граѓаните на Црна Гора. Од нив беше конфискуван транспарентот „Србија победува“, што е слоганот под кој Вучиќ ја води борбата против српските студенти кои протестираат против него веќе една и пол година, барајќи предвремени избори.
Како очигледна одмазда за тоа, автобус со околу 20 корисници на Домот за стари лица од Бијело Поље, кои беа вратени од преминот Гостун, не можеа да одат на излет во Србија. Автобус полн со деца од Културно-уметничкото друштво од Котор беше задржан на границата со Србија повеќе од пет часа, а уште 30 црногорски државјани, исклучиво мажи, беа приведени на аеродромот во Белград, а беа пуштени дури по детални проверки. На потпретседателот на опозициското Граѓанско движење УРА, Блаж Раѓеновиќ, и на поранешниот директор на црногорската полиција, Никола Терзиќ, кој предава на универзитет во Белград, им е забранет влез во Србија. И на двајцата – од причини за заштита на безбедноста на Србија и нејзините граѓани.
DW




