Опомени за сопствениците на хаварисани возила од Кисела Вода – рокот за отстранување е 15 дена

Општина Кисела Вода вчера започна со акција за изрекување опомени на сопствениците на хаварисани возила на оваа територија. Во текот на овие две седмици, преку соработка со ПСОН –Кисела Вода и РСБСП- Скопје, имателите на хаварисани возила, со летоци оставени на возилата, ќе бидат потсетени дека е нивна законска обврска да ги отстранат. Иако целта не е да се казнува, сепак, на оние кои ќе ја игнорираат опомената, ќе им биде изречена глоба во мандатна постапка дефинирана со член 63 и член 19 во Законот за безбедност и сообраќај на патиштата, а хаварисаното возило, на нивна сметка ќе биде пренесено во депото на пајак службата.

Најавената кампања веќе дава конкретни резултати, па уште на првиот ден, дел од ваквите возила кои години наназад го узурпираа јавниот простор веќе беа отстранети од нивните сопственици. Пример што се надеваме дека ќе го следат и останатите.

Паралелно со оваа акција, службите на ПСОН –Кисела Вода и РСБСП- Скопје, на погрешно паркираните возила им оставија опомени кои доколку не се почитуваат, потоа ќе значат преземање на мерки и парични казни во износ од 45 евра.