Американскиот претседател Доналд Трамп се надева дека ослободувањето на американскиот затвореник Марк Фогел денеска од страна на Русија може да означи почеток на нови врски со Москва за да се стави крај на војната во Украина.
„Бевме третирани многу добро од Русија“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба на Белата куќа. „Всушност, се надевам дека тоа е почеток на врска од каде што можеме да ставиме крај на таа војна“.
Стив Виткоф, специјален пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, обезбеди за време на ненадејна посета на Москва, ослободување на американскиот државјанин и наставник Марк Фогел, кој од август 2021 година беше во руски затвор поради обвинение за трговија со дрога, соопшти денеска Белата куќа.
Американски медиуми јавија дека Виткоф ненајавено отпатувал во Русија за да го преземе Фогел.
„Претседателот Трамп, Стив Виткоф и претседателските советници постигнаа договор со руските власти за размена што ја покажува добрата волја на руската страна и добар курс на патот кон ставање крај на бруталната и ужасна војна во Украина“, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Мајк Волц.
denesen.mk