Откриен тунел под Вишиот суд во Подгорица: Води од депото со доказниот материјал до стан во зграда

Претседателот на Вишиот суд во Подгорица, Борис Савиќ денеска изјави дека упадот во депото на тој суд се случил преку тунел ископан под зградата, но дека пописот покажал дека, како што рече, речиси ништо не недостасува. .

„На добро скриено место беше пронајден отвор на тунел, кој се правел долго време. Истрагата е завршена, не знаеме што можеше да се случи ако тој отвор не беше забележан. Најважното за нас е што затворивме нешто што претставуваше опасност“, рече тој на прес-конференцијата.

Тој ги демантираше тврдењата на одредени медиуми дека лаптопот на корејскиот „крал на криптовалутите“ До Квон е украден, бидејќи го нема ни во депото.

„Точно е дека во Вишиот суд во просториите на депото на тој суд биле пронајдени траги од други лица. Веднаш била известена полицијата која по истрагата дошла до истиот заклучок. Направен е попис, кој траел до раните утрински часови. Утврдено е дека речиси ништо не недостасува“, изјави Савиќ, пренесе подгорички „Вијести“.

Според него, конфузијата настанала поради тоа што работите не се на своето место, а при увидот на предметите било констатирано дека биле преместени.

Савиќ тврди дека и да исчезнат некои работи, тоа нема да биде непоправлива штета бидејќи, како што вели, доказите се извештачени.

Тунелот ископан под Вишиот суд во Подгорица води до стан спроти зградата на судот, кој бил изнајмен пред два месеци, дознаваат „Вијести“ од Управата на полицијата.

Според истите информации, истражителите утврдиле кој е сопственик на станот, а во моментов трагаат по оние кои претстојувале таму.

Овој настан утре ќе биде тема на седницата на Бирото за оперативна координација на органите на разузнавачкиот и безбедносниот сектор, соопшти Министерството за правда.

Министерството соопшти дека главна тема на седницата ќе бидат „мерките за безбедност и заштита на објектите и просториите на органите на прогонот и складирањето документи, со посебен фокус на настанот поврзан со депото на Вишиот суд во Подгорица“.

Министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Филип Аџиќ и в.д директорот на полициската управа Никола Терзиќ денеска го посетија Вишиот суд каде што е откриен тунел ископан под зградата на судот.

Аџиќ рече дека тоа е напад врз системот и државата.

„Ова е и нешто што во претходниот период го најавивме дека може да се случи, а тоа е дека некои луѓе, кои подолг период се споменуваат како носители на идна власт, имаат одредени врски со криминални структури, што секако е по интензивната борба против на организираниот криминал и корупцијата што ја препознаа граѓаните во изминатава година ипол, би рекол дека е малку потресена, и некаде е ставен ветер во грб на тие криминални структури дека може да има ситуација каде сè се враќа во периодот кога во Црна Гора владееја криминални структури“, рече Аџиќ.

Тој оцени дека се оди во добра насока и дека многу брзо може да се добијат опипливи докази.

„Ова е добро испланирана и организирана акција која се подготвуваше со месеци и наликува на акционен филм“, изјави Аџиќ, пренесе порталот „Дан“.

извор:Локано