И по една година, нема решение за детското одделение во Охридската болница, кое поради недостиг на педијатри, работи само како амбуланта во две смени од 8 до 20 часот. Болните деца, во ноќните часови, за викендите и празниците за преглед и хоспиталзиација се носат во детското одделние во болницата во Струга, каде дневно има и над 100 пациенти. Петте педијатри се жалат на неиздржливо темпо.
„Поголем дел се од Охрид, отколку од Струга. Доаѓаат пациенти и од Ресен и од Дебар. Точно дека сме оптоварени, но пациентче не смее да се врати. Мора да се прими и да пружиме помош. Зголемен обем имаме, пет сме, држиме цело детско одделение и неонатолошкиот оддел“, вели Влатко Мицкоски, педијатар од Општата болница Струга.
Од Министерството за здравство велат дека во болницта во Охрид се бара начин за надминување на предизвикот со педијатри во рамките на законските можности.
„Од оваа болница во моментот на специјализација се 21 доктор, меѓу кои и двајца доктори на специјализација по педијатрија, како и во други области: интерна медицина, анестезиологија, гинекологија и др. Исто така, со новата Програма за специјализација за годинава се предвидени уште две нови специјализации по педијатрија за охридската болница“, се наведува во одговорот од Министерството за здравство.
Најголемиот туристички центар во земјава, остана без болничко лекување за најмладите пациенти лани во ноември. Од тогаш во повеќе наврати од Министерството за здравство најавуваа ротација на специјалисти од други болници, како преодно, додека не се изнајде и трајно решение, но Охридската болница и натаму работи без детско одделение.
telma.mk