Петмина скијачи кои викендов исчезнаа во швајцарските Алпи се пронајдени мртви

Петмина скијачи кои викендов исчезнаа во швајцарските Алпи се пронајдени мртви, потврди полицијата, додавајќи дека се трага по уште едно лице.

Голема спасувачка операција беше покрената во саботата откако групата исчезнала близу 3.706 метри високата планина Тет Бланш. Скијачите тргнале од ресортот Цермат, кој се наоѓа во подножјето на славниот врв Матерхорн, со цел да одат кон Арола долж швајцарско-италијанската граница.

„Петмина од нив се пронајдени во 21:20 часот без знаци на живот. Сите се швајцарски државјани, на возраст од 21 до 58 години“, соопшти полицијата на кантонот Валез.

Спасувачките напори биле отежнати од лошото време. Во Алпите со денови имаше силни ветрови, а во изминатите 24 часа и големи снежни врнежи. Згора на тоа, имало опасност од лавини и лоша видливост.

„Групата можеби била совладана од лошото време бидејќи исчезнала во дел од патеката Цермат-Арола каде што имаше мал ризик од лавина“, кажа Анжан Труфер, шефот на спасувачката служба на Цермат.

sdk.mk