„ПИКСЕЛ ГРУП“ за „Броило“: Бараме да не се користи нашето име за политички маркетинг

Компаниите КМГ ЕОЛ КВАЗАР и „Пиксел груп“ откако денеска ВМРО-ДПМНЕ ја објави аферата која ја нарече „Броило“, испратија соопштение за јавноста кое го објавуваме интегрално:

„Пиксел груп“ е компанија која на македонскиот пазар постои од 2018 година и постојано работи според највисоки корпоративни технолошки и етички стандарди. Целта на „Пиксел груп“ е да го забрза прифаќањето на соларната технологија како предуслов за зачувување на животната средина и да овозможи одржливо, ефикасно и еколошко снабдување со електрична енергија, произведена од сончевата светлина.

Во време на светска енергетска криза, кога на нашата Македонија но и на целиот свет му е насушно потребно секој произведен мегават електрична енергија, сметаме дека е под секое ниво името на нашата компанија, како и на компанијата мајка на „Пиксел груп“, КМГ ЕОЛ КВАЗАР, да се злоупотребува во дневни политички препукувања и беззначајни прес-конференции, кажувајќи единствено лаги и класични манипулации за да се замајува јавноста.

Затоа најостро го осудуваме секој обид за дискредитација нашата групација да се доведе во корелација со каква било политичка структура.

Ние работиме на слободен пазар како приватни компании, според сите законски прописи и по највисоки етички стандарди и не користиме никакви специјални услови надвор од оние кои на сите компании од оваа дејност им се даваат на располагање и им следуваат по закон.

Уште пред назначувањето на Димитар Ковачевски за заменик министер за финансии објавивме дека Димитар Ковачевски како косопственик во „Пиксел груп“ истапува од сопственичката структура на компанијата бидејќи тоа е неспоиво со неговиот политички ангажман.

Затоа, уште еднаш потенцираме дека е за секаква осуда нашите компании да бидат жртва на нечии потреби за дневен политички рејтинг и бараме да не се користи името и на „Пиксел груп“ и на КМГ ЕОЛ КВАЗАР за политички маркетинг.

КМГ ЕОЛ КВАЗАР е основана 2007 година и е пионер во областа на фотоволтаичните системи и енергетската ефикасност, сите први проекти во областа на фотоволтаичната технологија и енергетска ефикасност се поврзани со оваа компанија, и тоа во период кога политичката елита што држи пресови за нас беше на власт.

Во моментов вработува повеќе од 70 вработени и неколку фирми подизведувачи и има вкупна реализација за период 2010-2021 година од 1 .291 668 742 денари или околу 21.002 744 евра.

За тој период компанијата има исплатено придонеси и даноци за плати кон државата во износ од 23.284 533 денари .

Како резултат на доброто работење и визијата на оваа компанија се роди идејата за основање на „Пиксел груп“, прва фабрика во Македонија за производство на фотоволтаични панели по сите светски стандарди и за 4,5 години успеавме, со натчовечки напори и заслуги на сите наши вработени од двете компании да произведеме преку 80MW кои што освен на домашниот пазар, успешно ги пласираме и во регионот (Србија, Косово, Албанија, Турција..) и во држави на Европската Унија како Романија, Хрватска, Полска, Бугарија и други.

Во „Пиксел груп“ во моментов работат околу 30 вработени на кои што редовно им се исплаќаат плати и придонеси и се горди и задоволни што работат во високо технолошка и модерна компанија.

Компаниите се општествено одговорни компании кои што давале и во иднина ќе даваат помош и спонзорства за развојот на спортот и на културно-едукативните настани.

Затоа, бараме извинување од оние кои пласираат вакви неточни тврдења, во спротивно, ќе ги преземеме сите правни средства кои ни стојат на располагање за заштита на угледот на двете компании.

Како и досега, стоиме транспарентно во објавување на секој податок и информација што е во интерс на јавноста и на нашата држава, порачуваат од КМГ ЕОЛ КВАЗАР и од „Пиксел груп“.

извор: КМГ ЕОЛ КВАЗАР и од „Пиксел груп“

фото: МКД.МК