Песок, чиста вода, развиена инфраструктура и информации се дел од високите стандарди на квалитет што една плажа треба да ги има за да го добие престижното сино знаме. Тоа стана симбол за препорака да посетите одредена плажа во текот на летото. Плажи со сино знаменце со години има на летувалиштата во Туркије, Грција и Хрватска, но во Албанија каде фокусот во последниве години е ставен на туризмот досега немаше ваква плажа на летувалиштата.
Сепак, плажата Палас од оваа година успеа да го добие престижното сино знаме, ознака за најчистите плажи на глобалната мапа „Сино знаме“.
Туристичките работници велат дека во време кога Албанија станува атрактивна дестинација за туризам, сертификацијата на првата плажа со сино знаме е најдобрата покана за летната сезона.
Според Ени Метај, претставник на „Сино знаме“ во Албанија, овој сертификат доаѓа по долг процес на исполнување на некои ригорозни еколошки, информативни и безбедносни критериуми, како и пристап до плажата.
Плажи со сино знаме во Црна Гора
Туристичкиот бисер Улцињ во Црна Гора е локацијата што треба да ја посетите доколку сакате да пливате на плажа со сино знаменце на црногорското приморје.
Според Фондацијата за еколошко образование со седиште во Копенхаген, Данска, во Црна Гора се регистрирани вкупно 40 туристички крајбрежни плажи со сино знаме. Од нив, една четвртина се наоѓаат во градот Улцињ.
Најпопуларните плажи со сино знаме во Улцињ се: Копакабана, Европа Бич, Мек Бич, Мајами, Сафари и Тропикана.
Хрватска, со најмногу сини знамиња во регионот
Хрватска со бисерните води на Јадранското Море е идеална дестинација за оние кои сакаат да поминат неколку дена одмор во земја која изобилува со плажи со сино знаме.
Ако нешто не недостасува во Хрватска, тоа се плажите. Единствената тешкотија останува изборот, имајќи предвид дека има вкупно 69 крајбрежни плажи со сино знаме за безбедноста и услугата што ја нудат.
Златни Рат е најпознатата плажа (позната и како „плажата Златен рог“), додека хрватските плажи Стинива, Сакарун, Пунта Рата и Бијеца се исто така дестинации со сино знаме кои ќе ви го одземат здивот.
Како се добива сино знаме?
За да биде сертифицирана, плажата мора да исполнува 33 критериуми за кои не може да се преговара, кои се поделени во четири главни категории поврзани со едукација и информации за животната средина, квалитет на вода, управување со животната средина и безбедноста на услугите.
Доколку плажата која има сертификат со сино знаме не ги исполнува критериумите, знамето може трајно или привремено да се повлече од плажата.
TRT Balkan