открива што се случувало на состанокот во седиштето на СДСМ на 21 декември, на кој Зоран Заев и Венко Филипче дошле со намера да се пресметаат со Димитар Ковачевски, а си заминале со течење од ногавици. Следната рунда на овој меч се очекува на првата наредна седница на Централниот одбор на партијата, после празниците.
Во СДСМ во тек е обид за пуч. Поранешниот партиски лидер Зоран Заев со сите сили се обидува да ги поткопа позициите на својот избраник Димитар Ковачевски и за таа мисија бара сојузници на сите страни, дури и во врвот на ВМРО-ДПМНЕ.
Плусинфо ги дозна деталите од пеколниот план на човекот којшто се повлече од кормилото на СДСМ, откако претходно ги изгуби локалните избори по своја вина.
ЗАКАНА Седум Заеви пратеници би можеле да ја кутнат Владата
За несогласувањата меѓу Зoран Заев и Димитар Ковачевски, односно за обидите на Муртинецот да ја задржи контролата врз своите инсталации во партијата и во Владата, се шпекулира подолго време. Митингот на СДСМ во салата „Борис Трајковски“ на 17 декември покажа дека имало основа за таквите шпекулации. Иако поканет, Заев не се појави на овој настан. Се слушнаа и гласини дека тој своето отсуство не го оправдал, туку со искоментирал со дрски забелешки на сметка на својата партија.
Во меѓувреме, од кујните блиски до Заев се проширија шпекулации дека премиерот Ковачевски, во обид да формира двотретинско мнозинство во парламентот потребно за ветените измени на Уставот, наводно испланирал брза реконструкција на Владата и при тоа бил со намера да ги отстрани министрите Оливер Спасовски, Љупчо Николовски и Благој Бочварски. Тројцата се сметаат за луѓе блиски на Заев. По ова во кулоарите е лиферувана закана од Муртинецот дека седум пратеници на СДСМ, коишто тој наводно ги држи под контрола, би можеле да му откажат послушност на Ковачевски и да предизвикаат паѓање на Владата.
Со посредство на заеднички пријател, пред извесно време, во еден град во внатрешноста на земјата, дошло до средба меѓу Ковачевски и Заев. Плусинфо засега нема да открие детали од тој разговор. Но, очигледно е дека актуелниот и поранешниот лидер не успеале да најдат заеднички јазик. Затоа, на 21 декември, во седиштето на СДСМ на Бихаќка, се одржал состанок на најтесното партиско раководство, на кој Заев добил шанса пред своите сопартијци да ги изложи своите ставови за сегашната состојба во партијата и во земјата.
ПЛАН Власта во следните 8 години да ја делат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а Ахмети да го нема!
На состанокот на 21 декември Зоран Заев дошол во придружба на поранешниот министер за здравство Венко Филипче, со кого веќе подолго време се како петок и сабота. На средбата, освен лидерот Димитар Ковачевски, биле присутни генералниот секретар Миле Зечевиќ, Радмила Шеќеринска и повеќе други членови на најтесното раководство на СДСМ.
Симптоматично е тоа што на состанокот не присуствувал Оливер Спасовски. Плусинфо не успеа да ги утврди причините за неговото отсуство.
Присуствувал и претставник на една агенција, којашто неодамна извршила мерење на рејтинзите на партиите. Тој бил замолен да ги образложи резултатите од анкетата. Според очекувањата, резултатите и од оваа анкета се обесхрабрувачки, бидејќи покажуваат приближна иста разлика во рејтинзите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ како и во неодамнешната анкета на ИРИ.
Коментирајќи ги резултатите, Зоран Заев рекол дека СДСМ ќе ги изгуби изборите ако не преземе некакви драстични промени и дека во случај на извесната победа, вмровците „ќе ги влечат сдсмовците по улици“. После тој вовед, Заев го изложил својот план за политички пресврт, наводно во седум точки, од кои најважни се следниве три:
Одржување итни предвремени парламентарни избори, после кои СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заеднички ќе ја делат власта во наредните осум години. Премиер да биде победникот на изборите.
Eлиминирање на ДУИ и на Али Ахмети од Владата. Заев рекол дека на Албанците треба да им се овозможи 25-процентно присуство во Владата, но тоа да не биде ДУИ на Али Ахмети. Во расправата подоцна, Филипче се согласил со можноста и ДУИ да влезе во Владата, но Заев останал на своето.
Eлиминација на претседателот Стево Пендаровски. Доколку СДСМ го добие премиерскиот мандат, идниот шеф на државата да биде од ВМРО-ДПМНЕ.
Во остатокот од планот Заев зборувал за жестока борба против корупцијата и за итни промени на правосудството. Кажал и тоа дека ваквата политичката разврска би ја ослабило партијата Левица, на што Шеќеринска возвратила дека нејзината проценка е сосема спротивна – дека планот на Заев дополнително ќе ја „бустира“ Левица и ќе го зајакне нејзиното влијание.
РАВЕНКА Се обидува ли Заев да се доближи до Мицкоски?
Текстот во целост на: Плусинфо