По Албанија, Бугарија тврди дека има 15 илјади граѓани со бугарска самосвест и на Косово

Бугарскиот претседател Румен Радев вчера се сретна со неговата косовска колешка Вјоса Османи, а една од темите како што јавуваат бугарските медиуми била и бугарската заедница во Косово. Во јануари годинава, според информациите, била поднесена петиција до косовскиот парламент со барање тие да бидат признати како независна заедница.

Радев и се заблагодарил на Османи за нејзиниот личен ангажман за претстојниот попис на населението во Косово да биде транспарентен и објективен, а во иднина бугарската заедница во Косово да биде признаена како национално малцинство, со можност слободно да го изучува својот мајчин јазик, да го изразува слободно својот идентитет и да ги чува и развива своите културни традиции.

– Целосно разбираме колку се сложени процесите со законодавството во Косово во врска со малцинствата. Затоа разговарав со г-ѓа Османи за консеквентен пристап Бугарите да бидат признати како заедница и тоа да се спроведе во пракса, изјави Радев.

Посетата на Радев на Косово и барањата за признавање на бугарско малцинство доаѓаат речиси истовремено по објавувањето на скандалот со бугарски документи од албанската Топ ченел кои открија нелегална шема за добивање бугарски потврди во Острени, Голо Брдо за околу 1000 евра. Македонските здруженија реагираат дека целиот период додека траел пописот во Албанија, Македонците таму биле изложени на притисоци и уцени од поединци од Бугарија, но и високи политички личности од Бугарија, да се попишат како Бугари.

Неколку дена пред почетокот на пописот во Албанија во септември, потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова беше во дводневна посета на земјата на средби со, како што беше најавено од нејзиниот кабинет, претставниците на бугарското малцинство во Голо Брдо и да го означи стартот на новата учебна година во бугарско неделно училиште во Елбасан, области кои се или со мнозинско или со значително македонско малцинство.

 

извор: КАНАЛ 5