По изгласаната недоверба на Владата, се очекува францускиот премиер да си поднесе оставка

Претседателот Емануел Макрон бара итни начини да го запре растечкиот политички и финансиски хаос, откако гласањето за недоверба ја остави Франција без функционална влада, буџет или очигледен пат за излез од кризата.

Премиерот Мишел Барние се очекува денеска (5 декември) да поднесе оставка и со тоа да стане премиер со најкраток стаж на современата Франција.

Мнозинството пратеници во средата го поддржа гласањето за недоверба предложено од левицата и екстремната десница на чело со Марин Ле Пен.

Рекордно брзото исфрлање на Барние доаѓа по вонредните парламентарни избори ова лето, кои резултираа со парламент без парламентарно мнозинство и во кој екстремната десница го држи клучот за опстанок на владата.

Причина за падот на владата на Барние беше неговиот план за буџетот за 2025 година, вклучувајќи мерки за штедење кои беа неприфатливи за мнозинството во парламентот, но за кои тој тврдеше дека се неопходни за стабилизирање на финансиите на Франција.

Во понеделникот тој изнуди предлог-закон за финансирање на социјалното осигурување без гласање.

Успешната иницијатива за недоверба го откажа целиот владин план за финансирање, што доведе до автоматско обновување на тековниот буџет за следната година, освен ако некоја нова влада не побрза со одобрување на нов буџет до Божиќ што е неверојатно сценарио.

извор: slobodnaevropa.mk