По бојкотот на маркетите во Хрватска, којшто зема залет во целиот регион, расте незадоволството и во Северна Македонија од високите цени на храната. Граѓаните на социјалните мрежи повикуваат со еднодневен бојкот во петок, 31 јануари, кога граѓаните ќе треба да се воздржат од пазарување во продавниците и големите маркети.
Организаторите ги повикуваат граѓаните да се приклучат кон бојкотот за да се испрати јасна порака до одговорните за економската состојба.
„Попусто попусти кога цените се исти. Повикуваме на масовен бојкот во петок. Воздржете се од купување во големите маркети, избегнувајте ги помалите маркети. Сакаме да испратиме порака дека граѓаните нема да ги толерираат овие нереални поскапувања“, се вели во повикот кој се споделува на социјалните мрежи.
Трендот од регионот се шири и во Македонија
„Трендот од регионот за бојкотирање на маркетите се пренесува и кај нас, а за тоа се виновни Владата и ВМРО-ДПМНЕ и директно Христијан Мицкоски“, порачаа од опозициската СДСМ, во врска со повикот за бојкот. Тие посочуваат дека изминатите месеци постојано нуделе конкретни решенија за проблемот со цените.
„Наместо ВМРО-ДПМНЕ да ги прифати веќе проверените мерки со кои СДСМ се бореше со ценовните шокови, тие решија да го остават проблемот и да го менаџираат со лажни кошнички. Резултатот го гледаме денес, а тоа се осиромашени граѓани, кои треба да избираат кој од основните производи да го купат“, се вели во соопштението од опозициската партија.
Партијата смета дека „неспособноста на премиерот Христијан Мицкоски да се справи со растот на цените, како и лажните ПР-кампањи за кошничките довеле до тоа граѓаните сами да се справуваат со проблемот“. Тие ја повикуваат Владата да ги прифати нивните предлози и идно да донесе мерки за заштита на граѓаните.
Во меѓувреме и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја поддржаа иницијативата за бојкот на маркетите. „Сигурни сме дека институциите активно ќе се спротивстават на забеганоста на дел од маркетите и состојбата во која без никаков индикатор кој предизвикува инфлација, тие нечовечно да ги зголемуваат цените и да учествуваат директно во зголемување на сиромаштијата, богатејќи се на грбот на граѓаните преку уцена и монопол и општествено неодговорен однос“, порачаа од партијата.
Маркетите под лупа
Тие очекуваат Владата да подготви сет на мерки за контрола на растот на цените, но и да ги истражи овие однесувања на маркетите – дали со години наназад правеле злоупотреби и даночни ескивирања или други прекршувања на законите. Истовремено бараат да ја засили контролата врз нивната работа. „Ова дивеење на маркетите мора да престане“, велат од партијата.
Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во Северна Македонија во јануари се зголемени за 391 денар во однос на декември. Вредноста на синдикалната минимална кошничка е 63.252 денари. За една година, минималните трошоци за храна и пијалоци се зголемени за 10,43 проценти, а зголемување од 123 денари има и во последниот месец, иако на сила беше владината мерка за Новогодишната кошничка, со којашто требаше да се намалат цените на основните производи.
„Со последното ненамалување на цените од страна на овие алчни трговци произлегува дека вредноста на кошничката во овој дел е зголемена за најмалку 20 проценти, имајќи ги предвид зголемувањето од 10 проценти и ненамалувањето од 10 проценти. Ако ги соберете посиромашни сме за најмалку 20 проценти“, порачаа неодамна од ССМ.
DW