И покрај предупредувањата од ЕУ и противењето од домашната јавност, Србија продолжува да развива напреден систем за надзор произведен во Кина, покажуваат доверливи документи до кои дојде Радио Слободна Европа (РСЕ).
Документите до кои дојде РСЕ содржат детали за купување на компоненти за проширување на заштитената eLTE мрежа, која е базирана на кинеската технологија на Хуавеи (Huawei) и ги поврзува камерите за видео надзор, полициските терминали и командните центри на Министерството за внатрешни работи (MUP).
Тоа е првата писмена индикација за развојот на мрежата на која се потпира проектот „Безбеден град“, програма која беше лансирана уште во 2017 година, кога Министерството за внатрешни работи на Србија и кинеската компанија Хуавеи го потпишаа „Договорот за стратешко партнерство за воведување на eLTE технологии и решенија за Безбедниот град во областа на јавната безбедност“.
Додека јадрото на проектот „Безбеден град“ е воведување на интелигентен систем за видео надзор, eLTE мрежата претставува платформа за заштитена комуникација и пренос на податоци во рамките на таков систем.
Набавката на опрема, софтвер и услуги за проширување на комуникациската мрежа eLTE била спроведена во март 2024 година, означена како доверлива.
Меѓу нарачките е значително зголемување на диспечерскиот систем со користење на eLTE мрежата, вклучувајќи ГИС софтвер за пристап до ресурси што ја проширува можноста за преглед на снимки од камери на одредени локации.
Експертите интервјуирани од новинарите на РСЕ изјавија дека 35-те единици нарачани од Хуавеи можат да поддржат до 3500 дополнителни камери на проширената eLTE мрежа.
„Тие намерно го проширија капацитетот за да поддржат 3500 камери. Тоа сугерира дека планираат да инсталираат камери од тој обем“, рече Конор Хили, директор за истражување во IPVM, фирма за истражување на надзор.
Проектот „Безбеден град“ првично вклучуваше инсталирање на 1000 камери на Хуавеи само на територијата на градот Белград, со најава дека проектот ќе се прошири на остатокот од Србија.
slobodnaevcropa.mk




