Конференцијата и публикацијата се заклучок од проектот
„Иницијативата на Аспен за Западен Балкан: посветеност на напредокот и стабилноста“, кој траеше од април 2023 до декември 2024 година. Проектот собра експерти од целиот регион, кои се обидоа да одговорат на прашањето како да се забрза и ревитализира процесот на помирување на Западен Балкан. „Целите на проектот се промовирање на дијалогот и соработката во регионот, изработување конкретни препораки и привлекување внимание на јавноста кон процесот на проширување и реформите“, се вели во предговорот на публикацијата под наслов „Помирување на Западен Балкан“ од Институтот Аспен за Германија. Публикацијата, која настана како резултат на истоимената конференција одржана во Сараево во октомври минатата година, во соработка со Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина, а во која ДВ доби ексклузивен увид, наведува неколку клучни точки кои ја отсликуваат состојбата со процесот на помирување на Балканот, што се наведува како клучен предуслов за понатамошен развој на ЕУ, особено кога станува збор за проширувањето на Унијата. Но, како што во предговорот на публикацијата наведува еден од учесниците на конференцијата, шефот на Одделот за Западен Балкан на германското Министерство за надворешни работи, Нилс фон Редекер, помирувањето на Западен Балкан останува „акутен и нерешен проблем“.
„Помирувањето на Западен Балкан останува траен и длабоко сложен предизвик, обликуван од нерешеното наследство на конфликти и вкоренетите етнички и политички поделби“, продолжува Фон Редекер во предговорот и додава дека „политичките лидери често ги искористуваат националистичките наративи за да ги продлабочат поделбите, попречувајќи ги напорите за градење доверба и кохезија“.
Погрешна тактика на ЕУ
Еден од главните заклучоци на студијата е дека е погрешна тактиката на меѓународната заедница, а пред сѐ на ЕУ, која беше и остана главниот мотор на реформите во тој дел од Европа. Според мислењето на учесниците, ЕУ направила голема грешка со тоа што се откажа од инсистирањето на помирување. „По повеќе од 20 години ЕУ прифати дека политичките елити во регионот не се движат кон целта за помирување.
Затоа фокусот на Брисел се префрли од помирување кон промовирање на функционална регионална соработка, како во инфраструктурата, така и во економската сфера“, заклучува во својата статија еден од авторите на публикацијата, Кристина Ева Грислер од Универзитетот во Будимпешта. И тоа е нешто што секој кој го следи напредокот на проекти како Берлинскиот процес за Западен Балкан, во последните години може да го посведочи. Експертите кои учествуваа на конференцијата сметаат дека „прескокнувањето“ или отстапувањето од процесот на помирување може да биде опасно, не само за одделни земји, туку и за целиот регион.
Не беше многу сторено
Во целиот регион на Западен Балкан, тешко се препознава вистински напредок во процесот на помирување и соочување со минатото. Се нагласува дека иако е формиран Меѓународниот кривичен трибунал за злосторства сторени на територијата на поранешна Југославија (МКТЈ), овој механизам е далеку од доволен за создавање дијалог заснован на соочување со заедничкото минато. Искуството на Германија, која по Втората светска војна водеше (и уште води) долг и комплициран процес на помирување со Франција и Полска, може да помогне и на Западен Балкан, но само условно. „Процесот на помирување на Западен Балкан, кој вклучува повеќе актери со различни тежишта, бара приспособен, повеќеслоен пристап“, е еден од заклучоците на конференцијата. Истовремено има многу отежнувачки фактори на патот кон помирувањето, кои се јасно наведени во заклучокот на проектот.
DW