Поради екстремниот студ делумно замрзнаа Нијагарските Водопади

Нијагарските Водопади, еден од најпознатите природни феномени во светот, се делумно замрзнати поради екстремно ниските температури што зафатија делови од САД, јавува Анадолу.

Студот, кој носи рекордно ниски температури, предизвика создавање дебели слоеви мраз и снег околу водопадите, кои денес се граница меѓу САД и Канада и една од петте најатрактивни туристички дестинации во светот.

Снимките од дрон, на кои се гледаат водопадите, прикажуваат величествени слики од природата, со мраз и снег што создаваат илузија на замрзнато ремек-дело.

Нијагарските Водопади се стари околу 12.000 години и биле формирани кога топењето на глечерите создало масивни слатководни езера, меѓу кои и езерото Ири, кое е поврзано со езерото Онтарио.

Денес водопадите постепено го „гризаат“ карпестото дно, повлекувајќи се за околу еден метар годишно.

Со својата моќ и убавина, звуците од милионите кубни метри вода што паѓаат секоја минута, Нијагарските Водопади оставаат траен впечаток кај секој посетител, било да се гледаат од земја или од вода.

извор: АНАДОЛИЈА