Поради обилните врнежи во Србија не престанува излевањето на реките и потоците, што носи големи проблеми со пороите. Поради тоа, пожарникарите и спасувачките служби се постојано на терен, а вонредна состојба е прогласена во 35 општини низ Србија, известуваат локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Во Крагуевац обилните врнежи предизвикаа поплавување на подрумските простории на хируршкиот блок на Ургентниот клинички центар, како и на неколку улици во населените места Станово, Грошница и Велико Поље. Водата поплави и педесетина дворови.
Во Јагодина, реката Белица достигна критично ниво, па два градски моста се затворени за сообраќај и поставени се бедеми.
Припадниците на Министерството за внатрешни работи, Секторот за вонредни состојби, по обилните врнежи во текот на ноќта евакуираа 75 лица од поплавените подрачја во различни делови на Србија.
Во областа Соко Бања од Јабукар и Чаир се евакуирани вкупно 25 лица, додека во населбата Палилула во Крагуевац 14. Во селото Трнава кај Јагодина евакуирани се 22 лица, двајца се извадени од поплавен автомобил од Велика Врбница кај Крушевац, а четворица се извлечени од Врдула и Бапско Поље кај Краљево. Исто така, три лица се евакуирани во селото Туларе, а уште пет во градовите Вича, Кучиќи и Мршници кај Чачак, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија.
Припадниците на Секторот за вонредни состојби при Министерството за внатрешни работи, покрај евакуацијата, се занимаваат и со испумпување на водата.
Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) на Србија за денес издаде предупредување поради можност за интензивни врнежи.
„Во Источна Србија поради дожд и грмежи денес е во сила црвена метеотревога што значи дека времето е многу опасно. Се предвидуваат особено опасни временски појави што се со таков интензитет што може да предизвикаат големи материјални штети и да бидат многу опасни по безбедноста на луѓето и животните. Во другите делови на земјата, со исклучок на Бачка, Банат, Срем и Западна Србија, активиран е портокалов и жолт аларм поради дожд и грмежи“, се наведува во предупредувањето на РХМЗ.
извор: Анадолу.