Рускиот претседател Владимир Путин се очекува да пристигне на дводневна посета во Индија, со што се потенцира партнерството меѓу Москва и Њу Делхи кое преживеа речиси осум децении геополитички превирања.
Првата посета на Путин во Индија по инвазијата на Украина
На покана на индискиот премиер Нарендра Моди, шефот на Кремљ треба да присуствува на 23-от годишен самит Индија-Русија во индискиот главен град. Ова е прва посета на Путин во Индија откако Москва ја почна инвазијата во Украина во 2022 година.
Москва и Њу Делхи ја обновуваат стратешката соработка
Двете земји сигнализираат желба за засилување на „Специјалното и привилегирано стратешко партнерство“ – официјална ознака за врските Русија-Индија усвоена во 2010 година – и „да разменуваат мислења за регионални и глобални прашања од заеднички интерес“, се вели во соопштение на Министерството за надворешни работи на Индија.
Трговијата и енергетиката во фокус по западните санкции
Пред посетата, портпаролот на Кремљ и шеф на кабинетот на Путин, Дмитриј Песков, ја нагласи важноста да се одбранат билатералните односи и трговијата меѓу Индија и Русија во време кога Индија се соочува со американски царини поради набавка на руска нафта.
Русија продолжува да се справува со сè поголем број западни санкции поради војната во Украина. „Мора да ја заштитиме нашата трговија од притисокот од странство“, порача Песков пред новинарите и нагласи дека се во тек дискусии за алтернативни опции за плаќање со што би се заобиколиле санкциите.
На дневен ред е и трансферот на работници, бидејќи сè повеќе Индијци бараат работа во Русија.
Русија останува главен снабдувач на оружје и нафта за Индија
Песков се осврна и на договори во одбраната, вклучително и продажбата на противвоздушни одбранбени системи С-400, борбени авиони Сухој-57 и мали модуларни нуклеарни реактори.
Индија е убедливо најголемиот купувач на руско оружје на глобално ниво. Русија сега обезбедува и над 35% од потребите од сурова нафта на Индија, во споредба со околу 2% пред војната во Украина.
Сепак, неодамнешните американски мерки насочени против сите што имаат бизниси со руски производители на нафта, ги натераа индиските рафинерии да воведат разноликост во добавувачите, наведуваат од поморската разузнавачка фирма Кплер.
DW




