„Почувствував болка како кога ја загубив мојата Фросина“-порака на другарката од друга Фросина жртва на „Партизанска“

„Денес, кога прочитав дека повторно на истата улица, кај Универзална, згаснал млад живот, а девојката се вика Фросина, ја почувствував истата болка како дента кога јас ја изгубив мојата Фросина (19), а болката која ја доживеав тој 3 април 2015, денес е исто толку голема“ – пишува Исидора од Крива Паланка, чија најдобра другарка беше прегазена на истото место.

Исидора Јакимовска е млада девојка од Крива Паланка, која пред 10 години, во 2015-та, на улицата „Партизанска“ кај Универзална, ја загуби својата најдобра другарка, Фросина Цековска (19).

Фросина тогаш беше прегазена од возач под дејство на алкохол, кој ја удрил девојката додека поминувала на пешачки премин.

По страшниот настан кој се случи на истото место на 29 јануари 2025, кога згасна животот на младата дизајнерка Фросина Кулакова, Исидора вели дека вторпат ја преживеала истата болка, иако не ја познава загинатата девојка.

Таа својот револт за уште еден загубен живот го изрази преку Фејсбук, а се потсети и на својата најдобра другарка, која не ја заборава ни денес, една деценија по нејзината смрт.

„Денес, кога прочитав дека повторно на истата улица, кај Универзална, згаснал млад живот, а девојката се вика Фросина, ја почувствував истата болка која ја чувствував дента кога јас ја изгубив мојата Фросина, почувствував како повторно да изгубив некој толку близок, а болката која ја доживеав тој 3 април 2015, денес е исто толку голема.

Еднаш поодамна напишав: ‘Да не дозволиме да згасне уште еден младешки здив на таа проклета Партизанска, да не дозволиме да има следна Фросина’. Дозволивме!

Прости ни Фросина, не успеавме, не успеавме како луѓе да те спасиме и да не дозволиме повторно да се случи истото – еден млад живот да згасне на еден таков суров начин.

Ние како луѓе, молчејќи пред законот дозволивме повторно да се случи ваква трагедија, повторно да изгубиме еден млад живот, повторно дозволивме некој да ѝ ги земе соништата на една млада девојка, а нејзиното семејство да го остави да тагува целиот свој живот.

До кога ваквите случаи ќе се третираат како сообраќајна несреќа, а не убиство? До кога сторителите ќе поминуваат неказнето? Уште колку Фросини ќе го изгубат животот за да некој разбере дека закон во државава мора да има!

Прости ни и летај Фросина, а летајќи кон небото обиди се да ни простиш, луѓе сме… не знаеме што правиме“ – напиша Исидора.

 

 

crnobeli.mk