Во Вишиот суд во Белград во четврток (18 јуни) беше донесена втората првостепена пресуда за Владимир и Миљана Кецмановиќ, родителите на момчето К.К., кој во 2023 година во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград уби десет лица, меѓу кои работник од обезбедувањето и девет ученици. Неговиот татко е осуден на 14 години и шест месеци, а мајката на две години и 11 месеци затвор.
Владимир Кецмановиќ е прогласен за виновен за тешко дело против општата безбедност и за запоставување и злоставување на малолетно лице, додека мајката, според мислењето на судот, е одговорна само за едно од тие две кривични дела – запоставување и злоставување на синот.
Пресудите се „капка во морето“
Во преполната судница во Палатата на правдата на Вишиот суд, судијата ја прочита пресудата во која опиша како К.К. прво детално го подготвил, а потоа и го извршил злосторството во училиштето, каде што, покрај тоа што уби девет ученици и чуварот на училиштето, ранил и една наставничка и пет ученици.
Во образложението на пресудата, судијата рече дека Владимир Кецмановиќ, кој поседувал оружје што „не го чувал како што налага законот“, го обучувал К.К. да „ракува со воздушно оружје и го водел на обука, иако е очигледно дека тоа не одговарало на возраста на момчето“.
Еден од аргументите на судот за тезата дека Миљана Кецмановиќ не се грижела за својот син е и тоа што е докажано дека го занемарила советот од одделенскиот раководител да побара помош од психолог, откако нејзиниот син се жалел дека се чувствува отфрлено и дека нема пријатели во училиштето.
„Пресудите за Кецмановиќ треба да бидат дел од заздравувањето на општеството од страшната трагедија, како и потсетник на сè што пропуштивме да направиме оттогаш – вклучително и соочување со причините што доведоа до злосторството, преиспитување на работата на институциите, општествената атмосфера и нашиот однос кон насилството, како и соодветна меморијализација на целиот настан која би служела како образовно средство за иднината. Сето тоа изостана“, вели за ДВ историчарот Драган Поповиќ.
Тој оценува дека затоа пресудите за Кецмановиќ се „само капка во морето, недоволни да го вратат вниманието на овој настан, барем не на подолг период“.
„Со тоа губиме сите како општество, бидејќи кога злосторството повторно ќе се случи, повторно ќе се прашуваме како е тоа возможно, несвесни за сопствената одговорност и долгот што го имаме – и кон семејствата на жртвите и кон нашите деца“, наведува Поповиќ.
Насилството стана „општествено пожелно“
Пресудата за Кецмановиќ изречена вчера е втора првостепена пресуда, бидејќи Апелацискиот суд ја укина првата пресуда од 2023 година и наложи повторно судење.
На момчето, кое на 3 мај 2023 година го изврши масакрот во училиштето во центарот на Белград, не му се судеше, затоа што тоа злосторство го извршил кога имал помалку од 14 години, што според законот го прави кривично неодговорен.
„Родителите на малолетниот убиец од Рибникар, особено таткото, добија високи казни. Висината на казните, како и голем дел од образложението, практично ја префрлаат целата вина од детето на родителите“, оценува пензионираниот професор по клиничка психологија на Универзитетот во Нови Сад, Миклош Биро.
Тој посочува дека со пресудата и со атмосферата во државните медиуми „се премолчи фактот дека огромен број мислечки луѓе во Србија убиствата во Рибникар и Дубона (каде што исто така беше извршено масовно убиство) ги доживеаја како последица на општата атмосфера во општеството, поради што и масовно протестираа пред две години“.
„Од медиумите се излева насилство, насилството стана не само општествено прифатливо, туку и општествено пожелно, бидејќи насилниците ги остваруваат своите придобивки и владеат со општеството. Таму се наоѓа основната вина и тоа треба и да се казни и да се превенира“, оценува Биро.
DW




