Претседателката Давкова Силјаноска во Софија на Самитот на шефови на држави од Процесот за соработка во ЈИЕ

Денеска во Софија учествувам на Самитот на шефови на држави и влади на земјите од Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).
Во ера на длабоки геополитички трансформации и безбедносни, економски и социјални проблеми, меѓусебната доверба, кохезијата и дијалогот се предуслови за одржлив мир, стабилност и развој.
Укажав на потребата од оживување на духот на регионалната соработка и враќање кон принципите врз коишто пред три децении беше воспоставен овој процес.
Повикувајќи се на зборовите на бугарскиот автор Георги Господинов дека „кога вратите на иднината се затвораат, минатото станува единствената татковина“, предупредив на потребата од дебалканизација преку европеизација.
Успехот на секоја држава треба да се доживува како успех на целиот регион, а натпреварот да се води во знаење, иновации, култура и економски развој, наместо во блокади и поделби.