Приватните автобуси повторно на скопските улици, но не со полн капацитет

Во јавниот градски превоз од денеска (25 ноември) се вклучуваат и приватните превозници, но не со целиот капацитет. Во сообраќај, како што најавија во саботата, ќе се вклучат оние превозници кои имаат финансиски можности.

Автобусите на ЈСП – Скопје од петокот сообраќаат во редовните термини, но Владата во четвртокот им позајми нафта само за седум дена, за колку што треба да се реализира ургетната набавка преку Бирото за јавни набавки.

Приватните превозници апелираа до градоначалничката на Град Скопје, советниците и Владата на заеднички состанок да најдат заеднички прифатливо решение за нивното барање за зголемување на цената за изминат километар.

„Приватните превозници ќе го дадат својот максимум од понеделник односно ќе се вклучиме во раните утрински часови онолку колку што можеме, не со целиот капацитет со цел за неколку дена да им излеземе во пресрет на граѓаните во градот Скопје. Воедно, ја користиме оваа прилика да се обратиме до сите советници во Градот Скопје – Ве молиме со консензус да изгласате покачување на цената за изминат километар со цел подобрување на состојбата во јавниот градски превоз. Со покачена цена се обврзуваме да го обновиме нашиот возен парк со еколошки климатизирани автобуси“, изјави Јовица Зафировски во саботата.

 

 

 

 

slobodnaevropa.mk