Проблемите на ЕУ ќе се префрлат и во 2025 година

Вообичаено, неделата пред зимскиот распуст во Европската унија (ЕУ) е најзафатена, со трнливи одлуки што треба да се донесат пред крајот на годината. Погледнете ја само минатата година, кога лидерите на ЕУ на крајот им дадоа зелено светло на Молдавија и на Украина да започнат пристапни преговори, и доделија на Грузија кандидатски статус и одобрија прилично широк пакет санкции за Русија.

Тие, исто така, се согласија да канализираат некои претходно замрзнати средства за Унгарија, додека контроверзно не успеаја да ја убедат Будимпешта за пакет од 50 милијарди евра (53 милијарди долари) за Украина (на крајот, тој пакет беше одобрен од унгарскиот премиер Виктор Орбан во февруари).

Овогодинешната претпразнична агенда прилично изгледа дека е без настани. Нов, слаб пакет санкции за Москва беше договорен од амбасадорите на ЕУ веќе на 11 декември, но тој беше позначаен поради отстапувањата што дојдоа со него.

Во Украина, тоа е вообичаено

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на Самитот на ЕУ на 19 декември, но тука нема да има некоја голема одлука за Киев. Споредете ги радосните сцени во Тбилиси пред една година, кога Грузија доби кандидатски статус, со она што се случува сега кога грузиските власти преземаат остри мерки против луѓето кои протестираат против владината одлука Грузија да ги прекине разговорите со ЕУ. Всушност, начинот на кој Брисел реагира на сè потврдокорното раководство во Грузија ќе биде една од ретките работи на кои треба да се внимава оваа недела.

За Украина, најновите нацрт-заклучоци од самитот на ЕУ, видени од РСЕ, „ја потврдуваат непоколебливата посветеност на Европската Унија за обезбедување континуирана политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка за Украина и нејзиниот народ онолку долго колку што е потребно. Русија не смее да надвладее“.

Ова е линијата на која блокот се држеше цела година, и додека се зборуваше за преговори со Москва во новата година, ЕУ се чини дека се држи до својот вообичаен пристап кон Киев. Иако минатиот пат имаше многу унгарска непопустливост за финансиска поддршка на Киев, сè е веќе поставено за 2025 година, бидејќи Будимпешта во ноември се согласи со иницијативата на Г7-ЕУ за искористување на замрзнатите руски средства за канализирање на 45 милијарди евра (47 милијарди долари) заем за Киев. Дополнително, уште 12,5 милијарди евра ќе дојдат директно од буџетот на ЕУ.

Мојот став е дека, за време на самитот,Володомир Зеленски, исто така, ќе ги поттикне земјите-членки на ЕУ да го зголемат одбранбеното производство, по можност во директна соработка со украинската одбранбена индустрија, и да му обезбедат на Киев системи за противвоздушна одбрана и способности за пресретнување на беспилотни летала.

За санкциите, нацрт-заклучоците од Самитот забележуваат дека „Европската Унија останува подготвена да го засили притисокот врз Русија, вклучително и со усвојување дополнителни санкции“.

На почетокот на следната година, Европската комисија најверојатно ќе излезе со предлог за нов пакет, 16-ти од целосната руска инвазија на Украина во 2022 година. Ова ќе дојде откако Полска ќе го преземе ротирачкото шестмесечно претседавање со Советот на ЕУ на 1 јануари, а Варшава ја сигнализираше својата намера да даде приоритет на порестриктивни мерки против Москва.

Гледајќи го неодамна одобрениот 15-ти пакет, знаците не се особено охрабрувачки. Ниту еден нов сектор на руската економија не беше таргетиран и наместо тоа, Словачка доби отстапка уште шест месеци да продолжи да увезува руска нафта преку гасоводот „Дружба“ .

Најголемата борба околу овој пакет беа Летонија и Литванија што ги туркаа Франција, Германија и Италија побрзо да го напуштат рускиот пазар. Сепак, ништо не беше договорено и има само референца во последниот пакет санкции дека е ризично да се води бизнис во Русија и дека е време да се затворат европските компании кои работат таму.

За Албанија и Црна Гора, трката продолжува…

Специјалниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел на 18 декември меѓу лидерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија и нивните колеги од ЕУ, веројатно нема да биде полн со настани.

Нацрт-декларацијата, во која имаше увид РСЕ, не содржи нови елементи, а претставниците на ЕУ кажаа дека главната „испорака“ е во голема мера симболична и едноставно се состои од фактот дека лидерите од регионот се среќаваат со претставници на ЕУ пред редовниот самит на Унијата.

„Балканската шесторка“ претходно во декември веќе имаше вечера со новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Коста и со новоименуваниот шеф за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас. Тоа што двајцата само што беа назначени на своите нови функции е показател за високиот приоритет што во Брисел му беше даден на регионот на Западен Балкан.

 

 

 

slobodnaevropa.mk